Дачиќ: Одлуката на Грција е непријатна и лоша и на нивна штета


Српскиот министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека се надева оти одлуката на Грција за затворање на границата за туристите од Србија би можела да се измени во некое понатамошно разгледување.

Дачиќ за РТС изјави дека се надева оти ќе бидат земени предвид некои други факти во текот на следната дискусија, бидејќи евидентно е дека Грција има интерес да доаѓаат странски туристи.

„Одлуката е непријатна и лоша“, рече Дачиќ, додавајќи дека некои други земји имаат отворени граници за граѓаните на Србија, како Унгарија и некои други земји од Европската унија.

Според него, одлуката на Грција е повеќе на нивна штета отколку на штета на Србија.

Тој апелираше до граѓаните да бидат добро информирани пред патувањето и да се јават во министерството каде ќе ги добијат сите информации, наведувајќи дека решенијата за затворање на границите во услови на епидемија на вирусот корона се донесуваат ненадејно.

„Тоа е жива материја, таа се менува од момент во момент“, рече Дачиќ.