Дачиќ одбил да се слика со европските министри поради косовското знаме во позадина


Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ одби да се фотографира со другите учесници на министерските состаноци на Берлинскиот процес во Тирана.

Еуроњуз Албанија јавува дека Дачиќ го нема на заедничката фотографија поради косовското знаме кое било во позадина, зад учесниците на состанокот.

Берлинскиот процес е иницијатива на Ангела Меркел

На средбата присуствуваа шефовите на дипломатиите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Северна Македонија, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, пренесува Нова.рс.

На средбата пристигнаа и претставници на неколку членки на Европската унија – Австрија, Грција, Унгарија, Шпанија, Холандија и Романија.

Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, започната во 2014 година со цел да се поддржи мирна, стабилна и демократска иднина на Западен Балкан, односно да се подобри регионалната соработка и европската интеграција на регионот.