Дачиќ: Неизвесен состанокот во Париз за Косово


Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави денеска дека е неизвесно дали на 1 јули во Париз ќе се одржи најавениот состанок на Белград и Приштина и предочи дека состанок нема да има ако не постои можност да се дојде до подобрување на состојбата, односно „ако таксите не се укинат “.

Според мислењето на Дачиќ, сигурно е дека германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон нема да дозволат „за нос да ги влече (косовскиот премиер) Рамуш Харадинај”.

-Ние нема да дозволиме да не влечат за нос, изјави Дачиќ за новинарите по разговорите со министерот за надворешни работи на Јужна Кореја Ганг Гонг Хва.

Како што објасни, ако некој Србија „ја влече за уши сите овие децении”, не треба да мисли дека нејзините претставници се глупави.

-Ако веќе не влечат за ушите сите овие децении, барем нека не мислат дека сме глупави, рече Дачиќ.

– Ние сме за компромис, но ако другата страна не е, ние нема да одиме против нашите државни и национални интереси, рече Дачиќ.

Тој додаде дека Србија не сака да го продолжи дијалогот се додека Приштина не ги укине таксите.

Дачиќ смета дека во меѓународните кругови сега „веројатно се трага по формулата” што ќе се добие за да тоа го направи, „што е сосема неверојатен факт”.

Според него, после толку бесмислени барања кои косовската страна ги упатуваше, потполно е јасно што се случува.

-Сакаме да најдеме решение. Тоа не е до нас. Дозволете им да покажат дали тоа го сакаат или не го сакаат. Очигледно, некои не сакаат. Ќе решат силни проблеми низ целиот свет, а не можат да го убедат Рамуш Харадинај. Па кој друг во тоа ќе поверува, рече Дачиќ.

Говорејќи за претстојната седница на Советот за безбедност на ОН посветена на Косово, тој оцени дека таа сигурно ќе биде обележана со дискусија за неодамнешните настани и апсења на северот на Косово, како и повредувањето на двајца службеници на УНМИК.

Во врска со ставовите на српските власти околу преговорите со Косово, се огласи и амбасадорот на САД во Белград, Кајл Скат, кој рече дека замрзнатиот конфликт меѓу Србија и Косово не е опција која носи стабилност.

-Србија со Бриселскиот договор се посвети на тоа да се обиде да постигне сеопфатен договор за нормализација, како и Косово. Тоа треба да биде цел на двете страни, а тоа е, секако, и нашата цел, рече Скат во интервју за Данас.

Скат, исто така, ги отфрли тврдењата дека косовските власти имаат поддршка од Вашингтон по прашањето на такси на српската стока.