Дачиќ не му верува на Пендаровски
Додека чека да положи свечена заклетва во парламентот, со што и официјално ќе ја преземе претседателската функција од Ѓорге Иванов, Стево Пендаровски неформално го започна својот петгодишен мандат со пораки до земјите од најтесното опкружување дека ќе ја продолжи политиката на добрососедски односи утврдена од македонската Влада.
Белградска „Политика“ со наслов „Се надевам во скоро време на средба со Вучиќ“, го објави неговото интервју во кое тој односите меѓу Македонија и Србија ги оцени како многу добри. На новинарското прашање за ставот на Северна Македонија околу решавањето на косовското прашање, Пендаровски вели дека нашата земја ја призна независноста на Косово водејќи се од стратегиските ориентации, но и од ставот на граѓаните од албанската заедница, која е втора по бројност во државата. Весникот уште не беше оладен од печатница, а стигна реакција од министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Според него, не држи аргументот на Пендаровски дека тоа било направено поради Албанците што живеат во земјата.
„Не држи аргументот дека го признаа Косово поради Албанците, бидејќи како Црна Гора го призна Косово кога Србите се втора национална заедница по бројност? Каде е тука принципот?“, кажа Дачиќ за телевизија Пинк.
Тој истакна и дека сите земји од регионот кои го признале Косово тоа го направиле за да му се доближат на Западот.
„Со тоа покажаа дека нивната стратегиска ориентација не е разбирање на проблемот со кој се соочува Србија“, истакна тој и додаде дека Македонија била некоректна кон Србија, иако нè признале под уставното име спротивно на нивните стратегиски определувања, а тоа е пријателството со Грција.
Македонија, според него, не возвратила добро на тоа бидејќи го признала Косово, но и покрај тоа Србија не го повлекла признавањето. Поради тоа, Србија имала „различни фази во односите со Грција“.
„Се покажа дека згрешивме бидејќи Македонија сега се вика Северна Македонија. Да бевме во право, таа ќе останеше Република Македонија“, заклучи Дачиќ.
Македонија ја призна независноста на Косово за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски, со кого присен однос имаа и шефот на дипломатијата Дачиќ и претседателот Вучиќ, кој по неговиот пад постојано ги плаши граѓаните на Србија со „македонско сценарио“. Изборот на Пендаровски за петти шеф на државата беше дочекан на „нож“ од медиумите блиски до српската владејачка структура.
„Северна Македонија станува источна Албанија“; „Пендаровски рака под рака со ОВК го освои Скопје“; „Пендаровски ќе удри на Србија и Кина, избран е со волјата на Албанците и ќе мора да враќа долг“, се само дел од насловите преку кои граѓанскиот концепт на заедничко дејствување кон евроатлантската иднина, кој се изроди за време на „Шарената револуција“, сака да се прикаже како некакво предавство на Србија. Западните медиуми, пак, оценуваат: „Северна Македонија му се спротивставува на национализмот“ и наведуваат дека на првите избори по промената на името на земјата победи „јасен про-Европеец“. Тоа е „горчлив пораз за популистите и шанса за земјата за приклучување во ЕУ“, се вели во текстот во весникот „Тагесцајтунг“ со наслов „Преку глава“, посветен на изборите во Македонија.
Реакцијата на дел од српските медиуми како и изјавите на официјалните лица, според политичките набљудувачи, покажуваат дека односите меѓу земјите во регионот, кој е изнемоштен од неизвесноста околу тоа дали и кога најскоро би можел да биде дел од ЕУ, се сложени и полни со недоверба. Нема сомнеж, велат, дека германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон неодамна на состанокот со лидерите од регионот, а понесени од договорот меѓу Скопје и Атина, сакаа да стават шлаг на балканската торта, но не постигнаа никаков напредок. Самитот ги истакна не само несогласувањата меѓу Србија и Косово, од кои и другите земји во регионот трпат колатерална штета, туку и меѓу Париз и Берлин.
Следниот состанок во истата форма ќе биде одржан на 1 јули во Париз. Дотогаш Пендаровски се надева дека ќе има средба со Вучиќ, кој деновиве изјави дека Косово во иднина ќе добие независност и суверенитет на целата територија, но не затоа што тој ќе го признае, туку затоа што не поминало решението што го понудил. Тоа беше искра која го предизвика најновиот пожар на српската политичка сцена. Опозицијата го обвини Вучиќ дека со таа изјава целосно ги девалвирал преговарачките позиции на Србија бидејќи, како што рече Вук Јеремиќ од Народна партија, сега Приштина немала потреба да оди со барањата пониско од она што го соопштил јавно српскиот претседател.
Пендаровски, без оглед на сè, верува оти позицијата на Северна Македонија кон Косово не ги оптоварува односите на двете земји и, како што вели, лично ќе вложи максимални напори за развивање на овие односи во позитивна насока.
„Тука секако спаѓа и билатералната средба со претседателот Александар Вучиќ, на која се надевам веднаш по преземањето на функцијата претседател на Република Северна Македонија“, изјави Пендаровски во интервјуто за „Политика“. (Н.К.)