Да зборуваме за клима и на Европската недела на мобилност

На 21 Септември како дел од Европската недела на мобилност и дел од настаните на Недела за иднината придружете нѝ се на велосипедско возење низ градот кое ќе заврши со проекција на филм за климатски промени во Градскиот парк, порачуваат од Еко-свест.

Климатските промени се проблем кој не можеме повеќе да го игнорираме. Нашата земја ги трпи последиците од климатските промени – долги сушни периоди, бури со силни ветрови и град и нема финансиски средства да се справи со нив, порачуваат од таму.

Климатските промени и мобилноста на граѓаните, особено во градот се тесно поврзани меѓу себе. Транспортниот сектор во земјава учествува со 13% во вкупните национални емисии во 2014 година, а оттогаш имаме растечки тренд поради се поголем број на луѓе во градовите. Од друга страна пак климатските промени директно влијаат на мобилноста на граѓаните, правејќи го неможно движењето на луѓето и добрата во услови на екстремни временски услови како топлотни бранови и бури. Сообраќајот влијае и врз здравјето на луѓето и квалитетот на живот, предизвикувајќи загадување на воздухот и бучава.

Потребно е да размислуваме како да го прилагодиме секторот транспорт на екстремните временски услови и во исто време да влијаеме на ублажување на климатските промени преку фаворизирање на форми на транспорт со низок јаглероден отпечаток.

Велосипедското возење почнува во 19 во паркот Жена-борец кај споменикот на Питу Гули, а завршува пред Школка во Градски парк. Потоа следува филмска проекција на „This changes everything”.