Да се запознаеме со Левијатанот на Димитар Апасиев

Очигледно е дека лидерот на Левица длабоко пие од идеолошки извори кои промовираат етатизам - наметнување на државата врз индивидуата, илибералност и суспендирање на парламентарна демократија и човековите права


Во една претходна објава на социјалните медиуми напишав:

„Откако пред неколку години за прв пат ја забележав Ванковска како го цитира Сорел ми се крена косата. До тогаш мислев дека полтронското гласачко тело на двете монолитни партии беа најголемото зло на Македонија. И дека едно идеолошки-профилирано политичко движење можеби не е така лоша идеа.

Благодарение на Ванковска и Апасиев сфатив дека идеолошки-профилираната партија, особено идеолошки-радикалната профилираната партија, е далеку поголема опасност од навидум неидеолошки партии кои се потпираат на incumbency и на старото добро полтронство кај своето гласачко тело“.

Кога некој ќе ти каже каков е, подобро верувај му, напиша неодамна Петар Котевски. Кога некој политичар ќе премине над стандардна дневно-политичка реторика, од типот овие крадат, оние крадат, и почне да ти цитира философи и мислители, тогаш апсолутно треба да му веруваш, бидејќи токму тогаш отвара портал кон својата душа (и eвентуално кон своето црнило). 

Неодамна Димитар Апасиев, лидерот на партијата со отворено фашизоидни тенденции, Левица, го цитираше Хегел (таткото на тнр. Хегелијанско тркало на историјата, според кое историјата се движи во дефинитивна насока, истата теза која го инспирира и Карл Маркс), а пред некој ден нѐ почести и со цитат од „Левијатан“ на Томас Хобс. Очигледно е дека лидерот на Левица длабоко пие од идеолошки извори кои промовираат етатизам – наметнување на државата врз индивидуата, илибералност и суспендирање на парламентарна демократија и човековите права.  

Изборот на цитатот е многу интересен, издвојувам краток дел од него:

„Јас го говорам ова не за да ги осудам универзитетите; ама, бидејќи подоцна ќе треба да говорам за нивната улога во државата, ќе мора во сите пригоди да ви укажам што треба да се промени кај нив – а една од нив е зачестеноста на бесмислениот говор“.

Обрнете внимание на фразата „зачестеноста на бесмислениот говор“ која намерно ја издвојувам. И потоа запрашајте се како оваа фраза се разликува од (дерогативната) фраза „Витези на мастилото“ (Ink Knights) со која Адолф Хитлер ги напаѓаше академиците во тогашна Германија? Преку оваа фраза Хитлер сакаше да укаже дека на Германија ѝ беше потребен „бунт против разумот“, бидејќи интелектот и интелектуализирањето ги имаше отруено душите на Германците. Колку е морбидно кога една ваква слична фраза доаѓа токму од политичарот кој до вчера го воспеваше својот десет-нула-нула просек?

„Левијатан“ е магнум опусот на англискиот философ Томас Хобс и една од највлијателните теории на тнр. Општествен договор (Social Contract theories). Како што посочив порано, теориите на тнр. Општествен договор ја преплавија Европа во 19. век, меѓу кои најпознати се оние на Томас Хобс, Жан Жак Русо и Јоhn Locke (во понатамошниот текст Џон Лок).

Но „Левијатан“ е и нешто друго. Левијатанот е митско, змијовидно суштество кое ги симболизира непријателите на Израел. Значи Димитар Апасиев меѓу редови укажува на неговиот презир кон јудео-христијанството, како и секој добар прогресивист (освен нели ако христијанството не е презентирано во прогресивистички формат како што е тнр. Социјално слово/Social gospel чиишто идеолошки татко е Walter Rauschenbusch. Но за тоа во наредна прилика.

За да ја разберете конкретната теорија на Општествен договор на Томас Хобс во неговиот „Левијатан“, мора да ја гледате Хобс во пакет со Жан Жак Русо (идеолошкото влијание на Џорџ Сорел, кој е омилениот интелектуалец на Билјана Ванковска).

Најголемата идеолошка битка последниве два века е всушност меѓу таканаречената јакобинска држава и меѓу таканаречената слободарска држава. Меѓу јакобинскиот (тоталитарен) модел на држава и меѓу англосаксонскиот (слободарски) модел на држава. Меѓу Жан Жак Русо и меѓу Џон Лок.

Лок и Русо се како Исток и Запад. Нивните теории на Општествен договор се дијаметрално спротивни. 

Џон Лок смета дека модерната цивилизација почна кога првиот човек го доби правото на приватна сопственост.

Жан Жак Русо смета дека приватната сопственост е варварски концепт кој е одговорен за тнр. Пад на човекот од рајската градина. Според Русо, пред подемот на науката, човекот живеше во совршена хармонија со природата (благороден дивјак). И дека појавата на приватната сопственост, науката, индивидуализмот, човековите права не се всушност прогрес, туку назадување, своевидно затворање на човекот во метален кафез и дека човекот треба да се врати назад кон својата чиста, девствена првобитна состојба на хармонија со природата. 

Значи, Џон Лок смета дека целта на државата е да ја гарантира приватната сопственост на индивидуите, и исполнување на договорни обврски. Русо, сметајќи дека човекот е паднат од својата првобитна состојба на сјај, инсистира дека задача на државата треба да биде да ги врати луѓето кон таа првобитна состојба на рај. Односно КОЛЕКТИВНО да го направи тоа. 

Затоа Русо фаворизира голема, сеприсутна, тоталитарна држава водена од мало тело на просветлени лидери, Револуционери, кои ќе го задушат индивидуализмот, нели за наше добро, и со сила ќе нѐ поведе, ќе нѐ врати назад кон нашата поранешна претпоставена состојба на Сјај, кон Утопија (во случајов Ретротопија).

Сите теории на општествен договор – Лок, Русо, Хобс, Емануел Кант, Гротиус се во суштина само митови – приказни што си ги кажуваме себеси, за себеси. Сите тврдат во суштина едно исто нешто – дека човекот се има согласено да жртвува дел од своите лични слободи во замена за одредена безбедност. Разликата е во самите форми на тој Општествен договор. Општествениот договор на Џон Лок ја подразбира државата како слуга на луѓето. Општествениуот договор на Хобс ја подразбира државата како дадилка –  масивен ентитет – Левијатан – кој ја штити индивидуата од суровата природа.

Тука се гледа разликата меѓу Хобс и меѓу Русо. Хобс смета дека човекот во својата природна средина е патетичен и варварин. Русо смета дека човекот во својата природна состоба е Сјаен, и дека подемот на науката, приватната сопственост го претвори во варварин, го раздели од природата.

Но освен разликите далеку побитен е делот со кој и двајцата се согласуваат: И двајцата фаворизираат голем сеприсутен државен апарат кој ќе се наметне врз индивидуата. Русо смета дека големата тоталитарна држава е неопходна за  колективно да го врати човештвото назад во Еден, назад во својата состојба на сјај. Хобс смета дека задача на Левијатанот е да ги држи под контрола природните тенденции на луѓето. Значи Левијатанот на Русо би имал за цел да ги врати луѓето назад кон нивната примордијална состојба, додека Левијатанот на Хобс би имал цел да ја спречи примордијалната тенденција на луѓето.

И двете се во целосна спротивност на теоријата на Општествен договор на Лок, кој смета дека правото на приватна сопственост е она што е доволно и во двете сценарија. Правото на сопственост ги вдаховува луѓето со способност за цивилизирана размена, односно размена мотивирана од профитен, а не од насилен мотив, пришто кога мотивот е профит а не насилство, кога трансакцијата е доброволна, тогаш и двете страни размислуваат долгорочно. 

На ваков начин, преку гарантирање на приватната сопственост луѓето излегуваат од примордијалната состојба на варваризам (бидејќи негуваат долгорочна перспектива, што ги прави различни од останатите животни), со тоа анулирајќи ја потребата за Хобсовиот Левијатан. Значи државата како минимален ентитет кој ќе ги штити и гарантира сопственичките права на индивидуата (Лок) , не државата како сеприсутен, сеопфатен ентитет, своевидна дадилка која ќе нѐ штити од нашите варварски тенденции (Хобс) или пак која ќе нѐ понесе назад кон нашите варварски тенденции (Русо).

Теоријата за општествен договор на Лок се манифестира во својот целосен сјај во англосаксонска Америка, преку слободарскиот модел на држава кој им донесе неверојатен просперитет и лидерство на денешата геополитичка сцена. Теориите за општествен договор на Хобс и Русо останаа на европско тло и се манифестираа преку тоталитарниот модел на држава за време на подемот на Максимилијан Робеспјер, чијашто Јакобинска револуција во Франција беше мајката на болшевистичкиот, фашистичкиот и нацистичкиот модел на држава кој однесе милиони човечки животи во 20. век

А фактот што и во Македонија секој политичар или академик се пали на Русо или на Хобс (на тоталитарниот модел на држава) е нешто што треба сериозно да нѐ загрижи. Тоталитаризмот постојано виси над нашите глави.

(Блаже Аризанов е претприемач и автор. Неговата книга „Белиот трофеј“ е позната во светот на претприемаштвото.)