Да се спречи најавениот масакр на свињите бараат 17 здруженија

Животните не се предмети за се уништуваат, туку свесни, интелигентни суштества и потребно е само малку разум и совест на човек да му се згади при самата помисла за она што лежерно го најавија вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство Трајан Димковски на прес-конференција во Владата пред три дена.
Вака реагираат 17 граѓански здруженија на најавената мерка за отстрел на питоми и диви свињи, како превенција од ширење на болеста африканска чума.
– Без око да им трепне најавија субвенционирање на масовен колеж на домашните, питоми свињи и комплетен отстрел на дивите по планините – примена на мерките донесени на 150-та Владина седница е во тек. Анѓушев додаде и дека Македонија е прва држава што презема радикални мерки пред појавата на болеста, без око да му трепне пред целата јавност. Ажурни како никогаш за деструкција, геноцид на еден цел животински вид, уништување, ќе не штитат од болест која не е опасна по луѓето, но претставувала опасност во нивните економски калкулации – велат од здруженијата.
– Ние, долунаведените здруженија со сето наше членство, поддржувачи, во име на сите хумани граѓани на оваа држава бараме итно да се отповикаат овие крвнички мерки и применат мерки кои ги применува нашето соседство. Ова нема да ви помине, нема да го заборавиме, ќе се потрудиме да не го заборавите ни вие!
Здруженија: Анима Мунди; Гласот на животните- Велес; Мали Херои – Битола; Animal world, Струга; Daisy family rescue; Шепасти Ентузијасти, Анималиа – Охрид; Angelcats sanctuary; ЕДЕН; Срце за животните – Тиквеш; Saving Ohrid Strays; Cat Shelter Meow Paws; Живот – Штип; Про Анима –Берово; Иницијатива “Лајка”, Охрид/Струга; Здружение за заштита на животни ARC – Animal Rescue & Care – Битола; Ние за Животните, Куманово.

За потсетување, отстрел на дивите свињи, уништување на питомите свињи кои не се под биосигурносен надзор и засилени царински контроли на граничните премини за да се спречи неконтролирано внесување свинско месо, се дел од мерките што ќе бидат преземени за превенција и спречување на ширењето на болеста свинска чума во земјава.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство Трајан Димковски на прес-конференција во Владата истакнаа дека се преземаат сериозни и радикални мерки за да се спречат последиците од свинската чума, кои можат да бидат катастрофални за свињарството, но негативни и за целата економија. Штетата само по извозот би била меѓу 50 и 60 милиони евра, а вкупната над 100 милиони евра.

Свинската чума не е опасна и не ги напаѓа луѓето, но е смртоносна за свињите и брзо се шири.