„Да се родиш на „лошо место“ значи да се родиш на добро место“: Обраќање на Владимир Пиштало по повод наградата „Прозарт“
Во Скопје секогаш доаѓам со љубов. По распадот на Југославија ова можеби и не звучи како вообичаена изјава, но така е навистина. Откако братството – и – единството излегоа од мода, ние можеби би требало да зборуваме за почитување на соседите, рече српскиот писател Владимир Пиштало во своето обраќање по повод добивањето на наградата „Прозарт“, што му ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје.
Во своето емотивно обраќање, Пиштало зборуваше за своите лични и професионални врски со нашата земја и балканскиот регион.
…Како и да е, јас навистина доаѓам овде со љубов. Една од главните причини е тоа што татко ми, кој беше директор на Националната библиотека на Босна и Херцеговина, помина една година во Сараево, под опсада. А јас не бев сигурен дали некогаш повторно ќе го видам. Кога излезе од таму, тој отиде во Скопје. Овде го сретнав прв пат. Многу македонски пријатели во тоа време ми помогнаа, а најмногу од сите Сашо Прокопиев. Неколку години пред тоа, со Сашо отидов во Штип. Тогаш за прв пат го слушнав валцерот од Штип, Разболела се Ленка Пингова, и пробав пастрмајлија. Ова очигледно не се баш некои интелектуални теми. Но во секој случај се емотивни.
Ова е прилика да се потсетиме на некои други пријатели кои повеќе не се со нас. Овде мислам на Љиља Дирјан и Богомил Ѓузел. Богомил, голем поет, ми раскажа како со биоенергија со сопствените раце ја излекувал болката во синусите. Љиља ме научи мене, како и многу други писатели од овој регион, за значењето на пријателството. Таа беше мултиталентирана личност – пријател, писател и готвач. Љиља имаше обичај да ни го прави Имамот се онесвести и ред други чудни јадења, од кои некои самата ги измислуваше за нас. Во една прилика како група отидовме на Охридското Eзеро и таму поминавме неколку дена. Иво Андриќ имаше обичај да го нарекува светлотоше Охридско Eзеро. Така јас отидов да пливам, и под црквата Свети Јован Канео, се најдов среде некакво ѓубре што лебдеше по површината. Се почувствував чудно, а потоа сфатив дека се работи за латици од роза. Веројатно на некоја свадбена веселба луѓето, ритуално, ги фрлиле во езерото. Треба да бидеме многу внимателни да правиме разлика помеѓу ѓубрето и розите.
Еден пријател ми има кажано дека од сите негови патувања тој најмногу профитирал од патувањата низ Балканските земји. Моите книги се преведени на сите Балкански јазици. Имам намера да го следам тоа. Добивам многу од средбите со другата страна од познатото. Јас го дефинирам мојот Балкан како простор помеѓу Венеција и Константинопол. И во обата града и во Венеција и во Истанбул човек може да се качи во чамец како да е тоа автобус. Самата Венеција е град кој не се наоѓа ниту на море ниту на цврста земја, ниту во минатото ниту пак во сегашноста, ниту во реалноста ниту во фантазијата, ниту на Исток ниту на Запад. Таа има повеќекратна природа. Во тоа се наоѓа симболот на Балканот. Борислав Пекиќ го нарече тоа состојба на постоење слична на кентаур. Некои ликови во неговото Златно руно сакаат да се променат од кентаур во коњ. Гледано од поблагородната страна на истата таа желба за поедноставување и чистота, можеме да замислиме кентаур кој сака да стане човек, да стане исклучиво рационален. Среќно со тоа.
Балканскиот Полуостров се протега помеѓу два најубави најкосмополитски градови што ја дефинираат историјата на Европа: Венеција и Константинопол. (Како што една стара Српска поговорка вели: Венеција, расцветана роза, а Константинопол, центарот на светот.) Тоа е регион на синкретични култури. Нивниот симбол е мостот. Според добитникот на Нобеловата награда Иво Андриќ, мостот е место каде човекот наидува на препрека, но не застанува тука … заради тоа што сета наша надеж е секогаш на другата страна.
Токму така, низ Балканот минува линијата што за прв пат ги разделила Римската Империја и Христијанството, на источни и западни делови. Во античко време Балканот го нарекувале Catena Mundi, што би можело да се преведе како Артерија на светот. Го дава својот Исток на Западот, а својот Запад на Истокот.
Многу често Балканските народи немаат поим едни за други. Тие се како цртежи што се прекриваат еден со друг, кои пак кога гледачот малку ќе се поврати наназад, создаваат сосема друга слика. Тие се преправаат дека веруваат во различни богови, иако сите тие веруваат во еден единствен бог кој се нарекува Страст.
Жителите на Пиринејскиот Полуостров се гордеат со фактот дека се културно разновидни. Истото тоа се однесува и на Балканот. Но муслиманите и Евреите биле протерани од Шпанија. На Балканот луѓето останале да живеат заедно.
Според Емануел Кант, добрата волја е единственото вистински добро нешто на светот. Пред некое време имав чест да го посетам Исмаил Кадаре и неговата шармантна сопруга Хелена во нивната куќа во Драч. Бев среќен кога го направив тоа, а сега сум дури и посреќен. Со голема радост ја прифаќам оваа награда поврзана, покрај другите, и со неговото име. И обајцата Исмаил Кадаре и Георги Господинов одбија да пишуваат локално и егзотично. Скромно, јас потполно се согласувам со нив.
Песната за судирот меѓу Големиот дух на Истокот и Големиот Дух на Западот, составена во името на разумот, не ми пее мене. Никогаш не ми пеела. Како писател не верувам во магична географија. Балканот каде што сум роден е шев. Антена. Мустаќот на мачката. Да се родиш на „лошо место“ значи да се родиш на добро место. На луѓето од границата им е познат „пренаталниот мрак“ на православните цркви. Тие се запознаени со исламското обожавање на светлината и водата и со опсесијата со часовници и ѕвона на Латините. Балканот е привилегирана платформа за набљудување. Нам никој не треба да ни ги објаснува турската или руската култура. Или италијанската, или централноевропската, кога сме веќе тука…
Кој запад? Кој исток?“, поентираше, синоќа, Пиштало.
На затворањето присуствуваше и српската амбасадорка Невена Јовановиќ.
На последната фестивалска вечер беа претставени и писателите Ненад Шапоња, Мајк Дауни и Виолета Танчева-Златкова, кои ги споделија своите мисли за пишувањето и креативниот процес. Секој од авторите-гости на фестивалот се претстави со извадоци од свои дела на јазикот на кој твори.