Да продолжиме да ја користиме моќта на театарот за да создадеме подобар свет


Театарските приказни имаат моќ да ги движат срцата и умовите, да инспирираат промени и да ги урнат бариерите. Денес ја славиме моќта на театарот кој сите нас нè поврзува, инспирира и предизвикува да го видиме светот со поинакви очи. Токму македонските актери се тие кои од прва рака го знаат влијанието што театарот може да го има врз поединците и општеството во целина, напиша министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на „Фејсбук“ по повод 27 Март – Светскиот ден на театарот.
 
За театарот, додава министерката, се вели дека е магично место каде што се е можно. Тоа е, посочува, место каде што можеме да се соочиме со најдлабоките прашања на човековото постоење и преку моќта на раскажувањето, можеме да ги најдеме одговорите кои ни бегаат во секојдневниот живот.
 
– Да го славиме театарот и виталната улога што ја игра во нашите животи. Да ги поддржиме актерите, режисерите, драматурзите и сите оние кои неуморно работат да ни креираат приказни кои нè поврзуваат и нè тераат да размислуваме. И да продолжиме да ја користиме моќта на театарот за да инспирираме промени и да создадеме подобар свет, пишува Костадиновска Стојчевска.