Да не се носат маски за заштита од корона вирус е „голема грешка“, вели врвниот кинески научник


Во Вухан луѓето со слаби симптоми на Ковид -19 биле сместени во големи простории и не им било дозволено да ги видат семејствата. „Инфицираните луѓе мора да бидат изолирани. Тоа треба да се примени насекаде“, вели Џорџ Гао

Директорот на Центарот за контрола и превенција на болести во Кина, Џорџ Гао, во интервју за „Сајнс“ ги предупредува САД и Европа: „Ова е најголемата грешка што ја правите

 

Американското научно списание „Сајнс“ (Science) два месеци се обидуваше да го интервјуира Џорџ Гао, генерален директор на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести, и сега конечно им одговори.

Џорџ Гао во интервјуто за магазинот издвои пет чекори што ги презеде Кина, од кои другите земји можат да извлечат поука.

„Прво, користевме нефармацевтски стратегии’ бидејќи нема соодветни лекови и нема вакцини. Второ, треба да бидете сигурни дека ќе го изолирате секој случај. Трето, блиските контакти треба да бидат ставени во карантин, затоа што е потребно многу време да се најдат сите оние кои имале контакти. Четврто, прекинете ги јавните собири. Петто, ограничете го движењето, вели Гао.

На прашањето какви грешки прават другите земји во споредба со Кина, тој рече дека „голема грешка во САД и во Европа е што луѓето не носат маски“.

Многу луѓе имаат инфекција без да покажуваат симптоми или се во пред-симптоматска фаза, но се заразни за другите: Џорџ Гао

„Голема грешка во САД и во Европа, според моето мислење, е дека луѓето не носат маски. Овој вирус се пренесува преку капки и со близок контакт. Капките играат многу важна улога – мора да носите маска, затоа што кога зборувате секогаш од устата излегуваат ситни капки. Многу луѓе имаат инфекција без да покажуваат симптоми или се во пред-симптоматска фаза, но се заразни за другите. Ако тие носат маски за лице, може да спречи капките што го пренесуваат вирусот да се распрскаат и да инфицираат други“, вели кинескиот експерт.

За потеклото на вирусот вели дека би можел да потекнува од пазарот во Вухан, или тоа да е местото каде што се раширил.

За Кина вели дека сè уште нема стекнато колективен имунитет односно таканаречен „имунитет на стадото, но вирусот веќе не се пренесува локално, а кинеските научници работат на вакцини и лекови.

Целото интервју (на англиски) може да го прочитате на следниов линк.