Да не беше премиерот…
Почна да станува претерано како министрите го глорифицираат премиерот. Николоски вчера дури посебно му се заблагодаруваше при пуштањето на патот Градско-Дреново
Прво тоа изгледаше како стратегија да му се даде силен печат на новиот премиер, но потоа глорификацијата на Христијан Мицкоски од министрите во владата (од кои некои се во самиот врв на ВМРО-ДПМНЕ) веќе ја преминува границата и многумина во јавноста веќе се прашуваат – дали е ова градење некој примитивен култ на личноста или подобро позиционирање во власта откако таа се освои.
Вчера претпладнето кога владина и друга свита беше на отворањето на делницата од експресниот пат Градско – Дреново, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски (во исто време и прв меѓу потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ), откако изрече една цела ода на пофалби за владата во која учествува за довршување на оваа делница од патот кон Прилеп, не штедеше зборови посебно да му се заблагодарува на Христијан Мицкоски:
„Кога отвораме вакви проекти и кога имаме завршени проекти навистина е добро да се кажат убавите работи и тука сакам да се заблагодарам на премиерот за целосната посветеност. Без него ова не можеше да биде возможно. Буквално на дневна основа ја следеше работата на овој експресен пат. Претседателе, благодарам за посветеноста и за подршката“.
Па како ова да не беше доволно Николоски своето обраќање го заврши повторно со благодарност до Мицкоски:
„Честитки за сите, претседателе благодарам уште еднаш за подршката, за убаво да е и за многу години“.
Изгледа дека освен што е научник во машинството премиерот Христијан Мицкоски е градежен неимар кој прави чуда низ Македонија. Или ги организира чудата. Како што кажа Николоски во обраќањето: „Ќе ви кажам директно, работници немаше, активности немаше, не беа решени косините, сега гледате како прекрасно изгледаат двете страни на патот и недостасуваа некаде околу 13 милиони евра за да се исплатат и да се доврши реализацијата на овој експресен пат“.
Се разбира, да не беше поддршката на премиерот Мицкоски за изминативе седум месеци немаше да се изградат трите клучки кај Градско, Росоман и Дреново. Немаше да бидат изградени четири вијадукти. Немаше да бидат изградени сите мостови, натпатници и потпатници. А не само „прекрасните косини“. И сето тоа само за седум месеци. Кој вели дека чуда не можат да се случуваат. Или дека суперменот од планетатата Криптон не бил Кларк Кент, туку многу веројатно тоа бил Христијан Мицкоски.
Премиерот Мицкоски денеска преку Фејсбук направи дистинкција од големите пофалби за него и за новите министри откако стана јасно дека овие самопофалби се претерани и временски невозможни и ги пофали работниците како најзаслужни.
„Ги поздравуваме и им се заблагодаруваме на работниците затоа што тие го направија ова да изгледа импозантно.Заедно да продолжиме да ја градиме Македонија“, напиша тој.
Вчеравечер, другиот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во неговата препознатлива елаборација на едноставни теми во стилот на онаа дефиниција – „говорант опште праксе“ – ги фалеше контактите што ги има премиерот со некои луѓе од новата американска администрација која треба да стапи на должност на 20 јануари. Па, дека претстои некакво златно доба во односите меѓу Македонија и САД.
Затоа што премиерот Мицкоски бил многу близок со копретседавачот на транзицискиот тим на Доналд Трамп, кој е и номиниран за иден министер за трговија – Хауард Лутник. Па, тука е и Девин Нунес, кој ќе биде на чело на советодавниот одбот на претседателот за разузнавање. Тие двајцата беа минатото лето во Скопје (Нунес како директор на социјалната мрежа на Трамп), се разговараше за бизниси, иднината на македонско-американските односи.
Муцунски не го криеше задоволството од побеадата на Трамп на синоќешното интервју на Телма.
„Дефинитивно, доаѓањето на новата администрација на САД е значаен чин за нас. Мицкоски ќе ја предводи и нашата делегација таму, заедно со него ќе бидеме дел од многу формални и неформални активности, како и самата инаугурација. Да ги афирмираме нашите позиции со администрацијата во доаѓање, да продолжиме да ги негуваме тие добри и лични односи премиерот, јас и други чинители во Владата… Можеме да направиме позитивно поместување, земајќи ја предвид блискоста на премиерот Мицкоски со министерот за трговија, Хауард Лутник“.
Но не се само Николоски и Муцунски што не штедат зборови во фалењето на Мицкоски. Тоа го прават и другите министри, па и оние од „Вреди“. Арбен Таравари многу пати споменува дека премиерот најдобро знае како да го кормилари бродот во ќор-сокакот кон ЕУ.
Никола Груевски на времето имаше железен стисок во партијата и во државата. Па не се случуваше министрите нему лично да му се заблагодаруваат за одредени постигнувања во нивниот ресор. Или да ги фалат неговите лични контакти. Имаше и такви случаи, но тоа беше сосема ретко.
Кому му треба ваквото нападно искажување лојалност – на премиерот или на самите министри. Позицијата на Александар Николоски е неприкосновена – и овде и во Будимпешта, па вакви фалби за премиерот изгледаат невкусни и претерани. Кои најпосле можат да предизвикаат спротив ефект.
Тимчо Муцунски можеби е малку позагрижен. Веќе почнаа да се шират гласини (непотврдени) дека е можно за догледно време својата министерска фотелја да му ја отстапи на сегашниот советник на премиерот за надворешни работи. Вистинити или не, ваквите зборови можат да внесат одредена вознемиреност. Па не е лошто да се пофали премиерот. Иако тоа на крајот може да не игра никаква улога. (Љ.П.)