„Да ми се извиниш затоа што забега“: Груби се скара со новинар


 

Во вистинската канонада прашања за вицепремиерот Артан Груби во врска со изборот на фирмата која што ќе го врши надзорот за изградба на автопатиштата во земјава, денеска на прес-конференцијата во Медија центарот на Владата дојде до вербален конфликт меѓу првиот вицепремиер и новинарот на Телма, Миомир Серафиновиќ.

Груби се обидуваше да докаже дека во постапката за избор на фирмата која што ќе го врши надзорот сѐ било чисто, како и дека целата постапка се водела од страна на ЈПДП, а не од Владата. Испровоциран од ваквите заобиколувања, Серафиновиќ поставувајќи новинарско прашање, рече дека вицепремиерот „забегал“ со одговорите, што видно го погоди Груби кој возврати со иста мера:

„Пред да продолжиш, да ми се извиниш затоа што забега“, возврати Груби.

Груби, исто така, одби да одговара на прашањата кои дополнително ги поставуваше Серафиновиќ, кој сепак подоцна успеа да дојде до микрофонот, при што посочи дека во разговор со колега новинар од албанските редакции му било предочено дека на албански зборот „забегува“ има и друга конотација, која тој воопшто ја немал предвид кога го поставувал прашањето за Груби.

Инаку, како што дофрли Груби, тој и новинарот на Телма се знаеле уште од студентски денови, при што во еден миг рече: „Денеска Прочка ли е? Ај ќе ти простам, без разлика. Јас одговорив веќе на овие прашања. Миомир, ниту го знам како се вика тој човек ниту што направил“, одговори Груби мислејќи на Бранимир Димитриевиќ, за кого се тврди дека бил вмешан во меѓународна криминална шема, и го бараат ерменските власти, а за кој новинарите се интересираа дали им бил познат во Владата во време на потпишување на договорот.

Груби ги повика новинарите, опозицијата и сите оние кои имаат било какви сознанија за незаконско работење да пријават, а Обвинителството да постапи доколку има сомневања дека некој сторил нешто, при што додаде дека сите компании во процесот на пријавување на тендерот доставиле документи за неосудуваност. (Н.В.)