Да ја слушаш „Кукла жива“ на Тамара на винил – тоа е посебен музички ритуал 


Во интимната атмосфера и на врвниот аудио-систем на Аудиокултура, медиумите и музичките професионалци и соработници за првпат денес го го слушнаа новиот визуелен албум на Тамара Тодевска „Кукла жива“ на винил, во издание на „Сони“ и  ја доживееја музиката во едно поинакво издание. Станува збор за тест-плочи кои ќе бидат пуштени во претпродажба неделава.

Во атмосфера посветена пред сè на музиката и звукот, присутните имаа можност во целост да ги слушнат десетте песни од албумот и потоа да ги споделат своите впечатоци и размислувања за „Кукла жива“.

На албумот се работеше речиси една година, а во неговото создавање учествуваа повеќе од 60 музичари предводени од Емин Џијан. Приказната за „Кукла жива“ започна од идејата на Коста Петров, кој заедно со Џијан беше дел и од денешното слушање и разговорот со присутните.

„Многу сум горда на тоа што го создадовме. Сакав денес едноставно да ја слушаме музиката заедно и потоа искрено да разговараме за неа. Ми значи што ‘Кукла жива’ сега добива и свој живот на винил“, истакна Тамара.

Тамара не случајно го избра винилот пред цедето. Звукот на винилот има аналогна репродукција и карактеристична боја на звукот, која многу луѓе ја доживуваат како потопла и помека. Физичкиот контакт е многу важен – ја вадиш плочата, ја ставаш на грамафон, ја спуштатш иглата. Тоа те тера свесно  да го слушаш албумот.Винилот природно те охрабрува да го слушаш албумот како целина, по редоследот што го замислил авторот. Малите несовршености (ако ги има) – шумот од иглата, пуцкањето и тивките звуци можат психолошки да создадат чувство на интимност и „живост“. Винилот е нешто што го држиш, гледаш и колекционираш. Кај албум како „Кукла жива“, со силен визуелен концепт, тоа дополнително го засилува доживувањето. Емоцијата, сепак често доаѓа од комбинацијата на звукот, ритуалот и начинот на кој го слушаме. 

Следната голема средба со публиката е закажана за 7 декември 2026 година во Т-Арена, спортски центар „Борис Трајковски“ кога Тамара за првпат концертно ќе ја претстави „Кукла жива“, заедно со хитовитењ што ја одбележаа нејзината 25-годишна кариера.

Картите за концертот на Тамара под мотото „25 години љубов“ се веќе достапни на www.tamaratodevska.com (Л.С.)