Да беше во ОН Гаши ќе заборавеше на службено возило и ќе го платеше горивото на обезбедувањето


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

Три дена по скандалот со одењето по невеста, коалицијата Вреди не може да ја увери јавноста дека потегот на претседателот на парламентот Африм Гаши е всушност почитување на законската процедура, а не самоволие. Денес тие се обидоа вината да ја префрлат врз СДСМ и да стават равенство меѓу овој настан и возењето мотор од страна на Зоран Заев  со безбедносната придружба во Грција, иако Заев возеше свој мотор, а не државен и плаќаше од свој џеб за горивото, а не од буџетот.  

„Жалиме што гневот за изборниот резултат СДСМ го насочува на погрешна адреса. Претседателот на Собранието, Африм Гаши не може да биде виновен што граѓаните сурово ги казнија. Изгледа таквата порака не им е доволна, штом продолжуваат да манифестираат врвно лицемерие. Пред да одржуваат прес конференции чија единствена цел е обид за отргнување на вниманието од нивните внатрепартиски проблеми. Го повикуваме СДСМ да одговори, зошто не реагираа на ист начин кога Зоран Заев и Венко Филипче возеа моторцикли надвор од границите на Северна Македонија, во придружба на државно обезбедување? Дали тогаш тоа беше за нив етички и безбедносен протокол согласно законот или скандалозно однесување, како што сега тврдат? Африм Гаши со своето семејство уредно ја поминал границата и тој никогаш не поминувал ниту еден граничен премин пешки, како некој други“, реагираат од Вреди.

Колкав им е политичкиот капацитет се гледа и од тоа што министерот за добро владеење од нивните редови, Арбен Фетаи, никаде го нема да реагира или да се произнесе на било кој начин за овој скандал во јавноста. Повикан беше и Максим Димитриевски од ЗНАМ, кој беше многу гласен за злоупотребите на ДУИ во кампањата. 

„Мислам дека е погрешно Вреди да го имитираат ДУИ, бидејќи ДУИ е веќе видена работа и едно минато. Треба да креираме нови политики за економски раст и развој на државата, бидејќи граѓаните веќе не се оптоварени какво знаме ќе вее или кој е поголем заложник за исполнување на некои си наводни национални платформи и стратегии, туку едноставно, сакаат да живеат во средена држава во која корупцијата ќе се намали, ќе се изгради систем и ќе се направи функционална држава, функционален систем во функција на граѓаните и на државите“, рече Димитриевски.

Сепак, тој ќе почека официјален одговор од надлежното Министерство, во делот на „уредување на режимот на движењето на ваков тип на високи функционери“.

– Откако ќе го слушнам, ќе го дадам и својот став. Доколку возилото е користено за приватни потреби и семејни веселби, тоа е недозволиво. Во спротивно, ако вие вршите една таква висока функција во државата и ви следува обезбедување, извршено сѐ согласно протоколот, тогаш нема никакви пречки да се прави тоа. Но, сепак оставам на официјалните надлежни државни институции да се произнесат по случајот, а потоа и јас ќе го дадам своето видување, рече Димитриевски.

Експертите во Македонија за анти-корупција се согласни дека, иако има некаква регулатива за користењето на службените возила, нема јасни разграничувања  како таа да се применува кај највисоките функционери во државата при приватни патувања. Реакциите на јавноста околу овој случај покажаа дека е неопходна, бидејќи вака се доаѓа до апсурдни ситуации како оваа со Гаши, кај кој одговорноста е повеќе етичка и политичка, отколку законска.

Според тие со кои зборуваше „Независен“, службените возила масовно се злоупотребуваат во Македонија, а тоа не се мали суми исцицани од буџетот на државата, поради што е потребно да се повлече јасна црта – што е службено а што приватно патување, кој може да ги користи службените возила а кој не, до каде важи обврската за 24/7  обезбедување на високите функционери – во Македонија или и надвор, дали и кога можат да се користат службени возила во странство, а во конкретниот случај дали имало и приватни возила во свадбарската колона на спикерот. Во тој контекст според нив треба да се отворат и прашањата за ограничување на потрошувачката на гориво, за тоа кој може и за што да оди на службен пат воопшто и по која процедура, бидејќи сега патувањата се претворени во туризам, и слично. Сега, освен што се користат неетички (како овој случај), службените возила се користат и многу недомаќински.

ДКСК од претходниот состав се обиде да наметне стандарди околу службените возила, но кога ќе се погледнат упатствата за нивно користење од државните институции, јасно е дека во нив има многу празнини и никој не контролира колку се почитуваат. Според тоа упатство  од 2021 година ДКСК бараше сите институции да имаат интерен акт со кој ќе утврдат прецизни правила за користењето на службените возила и да воведат дневна и прецизна контрола. Во упатството на ДКСК стои дека „службените возила смеат да се користат исклучиво за службени цели и не е дозволено нивно користење за лични потреби“, што е светски стандард во земјите и меѓународните организации со отчетност и демократска култура. 

Според ДКСК моделот на користење на службените возила 24/7 со утврдени месечни лимити на гориво не се препорачува туку за секое патување да се обезбеди детална евиденција  за релацијата на која е користено. „Превоз на членови од семејството со службени возила е забрането, освен ако не се дел од официјална делегација“, стои во Упатството, а во тоа не спаѓа придружбата на Гаши. ДКСК исто така бараше да се предвидат санкции за користењето на службеното возило за приватни цели , а за да се откријат полесно злоупотребите предлагаше специјална регистрација на службените возила по која веднаш ќе се распознаваат.

ДКСК отиде и понатаму и бараше и да се дефинира класата возила што може да се користат за одредено ниво на функција,  препорачувајќи „висока средна класа“ за носителите на највисоките функции во државата – за да демонстрираат интегритет и етика. ДКСК исто така препорачуваше да се користи универзален образец за барањата за одобрување службено патување  при што да се наведе и целта на патувањето во документите, а во истото упатство стоеше и препораката  да се користи само економска класа за патување со авион во странство, а хотелите да не бидат категоризирани повеќе од четири звезди.

Институциите главно воведоа вакви упатства за користењето на службените автомобили, но внатре не се најдоа сите препораки на ДКСК, така што ризикот за злоупотреби и настаму е голем, бидејќи властите тешко се откажуваат од оваа привилегија, а за некои од нив, како Гаши, е и начин за демонстрирање на личен статус или народски кажано – за прчење и лечење комплекси.

За споредба , Европскиот парламент кој има  720 пратеници и во него се претставени 27 земји има 32 службени возила и користи 145 со лизинг. Во Обединетите нации пак јасно стои дека возилата можат да се користат само за службени потреби и патување од и до работното место, а само генералниот секретар на ОН и заменикот имаат службено возило само за себе, бидејќи сите други се во „пул“ – односно службените возила им на располагање на сите функционери кога ќе им требаат. Во ОН службено возило може да се користи надвор од службените потреби само за три строго утврдени причини – здравствени, безбедносни и поврзани со локацијата, а во такви ситуации мора да се обезбеди одобрение, однапред и со склучување на договор – дека сите трошоци за патувањето лично ќе се надоместат. По таа логика, Гаши  никогаш немаше да добие одобрување да оди на свадба, уште помалку во странска држава, а ако одеше приватно со обезбедувањето – ќе требаше да ги плати и нивните трошоци. (С.Ј.)