Да беа историските спорови критериум, ЕУ ќе имаше нула членки
Бугарското вето за Македонија е добра вест за сите кои се противат на проширувањето на ЕУ, пишува денеска германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг. Доколку историјата стане критериум, проширувањето е мртво
„Добри вести за сите кои се противат на проширувањето на ЕУ со шесте земји од Западниот Балкан: по бугарското вето на почетокот на преговорите со Северна Македонија во вторникот, се поизвесни се изгледите дека ќе дојде до целосно запирање на процесот, а она што ќе остане ќе ја загуби и онака веќе малата веродостојност“, наведува германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) во денешната анализа насловена „Единствената историска вистина”.
Бугарија сега воведе едно ново, неофицијално Поглавје во ЕУ преговорите: потчинување на земјите-кандидати за историски и јазични прашања, наведува весникот, и објаснува дека за да почне со преговорите Северна Македонија треба да „признае“ дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а македонскиот национален идентитет има бугарски корени.
„Водечките бугарски историчари и лингвисти залудно го критикуваат ова државно читање како премногу поедноставено. Бугарите и Македонците можат на оваа тема да се расправаат до бесвест (и тоа без присуство на преведувач), но политички се работи за многу повеќе од само научни финеси:
Клучното прашање, имено, гласи, дали согласноста за историски, лингвистички и идентитетски спорови треба да биде услов за да се почнат преговори за членство и само доколку тие се решат да биде можно членство во ЕУ.
Можат ли државите да наметнуваат обврзувачки историски наративи, како што сака бугарската? Не е ли работа на академската наука, во слободна дебата преку ставови и контра-ставови да се истражува?
Еден заклучок е очигледен: Да беше единството во историските спорови критериум за членство од поодамна, ЕУ ќе имаше точно нула членки.
Германија и Франција во 1957 беа согласни за иднината, но имаа тешкотии за сите аспекти од минатото.”
Линк до текстот на Дојче веле тука