Д-р Жан Митрев: Мора да бидеме Швеѓани
Мора да сфатиме дека мора да бидеме Швеѓани – рече половина на шега д-р Жан Митрев гостувајќи во „Само вистина“ за да опише дека корона вирусот мора да не натера да ги смениме навиките.
Тој вели дека ќе мора да се откажеме од секојдневни навики, такви според кои сме живееле стотици, илјадници години, со цел да се заштитиме од корона вирусот.
Митрев смета дека она што на нас ни беше чудно до вчера, дека Швеѓаните прават свадба со пет души, а ние без двеста луѓе не почнуваме, дека тие седат максимално двајца на маса во кафеана, сега ќе ни стане нормално.
Старите навики и верувања секаде покажуваат дека се ризични, вели Митрев.
– Не е само кај нас. Гледате, пред некој ден 100 луѓе се заразија во црква во Германија. Секаде е исто. Ако не ги почитувате правилата за минимизирање на собирите, ќе дојде до заразување,вели д-р Митрев.
Порачува дека мора да се навикнеме на новите правила, почитување на сите мерки, пред се на хигиената, во однос на тие дружења и комуникации.
– Како да се створи една реакција кај луѓето дека еве сега, вирусот заврши, па ние ќе лумпуваме. За жал мора да се сфати дека ќе продолжиме да живееме, но на друг начин, додава д-р Митрев.
Во емисијата тој сугерираше дека во клиниката имаат машини за прочистување на крвта од токсини и отпадоци, што ги ствараат вирусите и бактериите, кои тие ги користат кај пациенти кои се исцрпени од инфекции, па дури и кај пациенти со карциноми и кои даваат добри резултати. Сепак, вели д-р Митрев, некако не се договоривме со здравствените власти кај нас да лекуваме ковид-заболени пациенти, да ја пробаме оваа метода на нив, да видиме какви резултати ќе дадеше. Додава дека во светот нема стандарден метод кој дава резултати, туку сите прават како умеат. Вакви машини има и во јавното здравство, но д-р Митрев не знаеше колкаво искуство имаат неговите колеги и дали ги користат.