Д-р Караџовски: Не лудувајте и в година ќе бидете млади


– Идејата дека во текот на летните месеци вирусот ќе го снемало е апсолутно неточна и стручно незидржана. Вирусот е тука, бројот на смртни случаи е намален, но тој е тука, вели шефот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски во изјава за „360 степени“.

Затоа, особено ги критикува собирите и јавните настани на кои се прекршуваат мерките за заштита.

-Колку свадби се имаат направено во тајност? Колку венчавки, матурски, родендени? Ова нека е поука за младите – вирусот не ги напаѓа само старите лица, тие лица ги носи на респиратор, меѓутоа младите исто така заболуваат со тешка симптоматологија, имавме немили сцени од деца и млади луѓе што починаа од 22 до 40 години, вели тој.

Караџовски потенцира дека за здравствениот систем да го издржи ударот, особено во есенските и зимските месеци кога се очекува зголемен број на респираторни заболувања, секој поединец мора да се однесува одговорно.

-Затоа, не лудувајте по свадби, родендени, крштевки и журки. Оставете годинава нека помине, нека се стабилизира состојбата. И до година ќе бидете млади. Внимавајте на своето здравје и не дозволувајте вирусот да влезе во вашата фамилија. Немојте да бидете себични и да размислувате само за вас, порачува Караџовски.