Д-р Каламарас: Недисциплината на граѓаните ја влоши ситуацијата


Шефицата на Инфектолошкото одделение на болницата „8 Спетмеври“, д-р Патриција Каламарас денеска изјави дека главен виновник за порастот на инфицираните од корона вирусот е недисциплината на граѓаните. Во интервју за ТВ 24 д-р Каламарас стравува дека ситуацијата може и да се влоши и дека последните примени 35 пациенти се директен резултат на таа недисциплина.

„Досега одлично се држевме, не дозволивме да имаме сценарио како Италија или Шпанија, одевме по една ниска парабола и тоа многу помогна во организацијата на водењето на овие болни. Ја сфаќам потребата на популацијата да се ослободи од притисокот кој сите ние го вршевме, но тоа го правевме за добробит на сите“, вели Каламарас.

Таа објасни од што стравува: „Најмногу ме плаши дел од популацијата што сѐ уште го негира постоењето на вирусот, меѓутоа тоа е сѐ додека некој од нивната фамилија не се зарази и потоа стигнуваме до состојба во која се соочуваме со тешки болни. Не сакаме да ги плашиме луѓето, но апелирам на едно разумно однесување да се сфати дека ова не е измислена работа и да се придржуваме до мерките. Новата ситуација со заболени датира меѓу недела до две наназад и е резултат на непочитување на мерките“.

Каламарас нагласи дека на Инфективното одделение во нејзината болница има лекари и сестри кои за овие три месеци ниеден ден не биле отсутни од работа, но и дека се судруваат со тешки трагедии кои се случуваат во моментот.

„Имаме случаи кога многу брзо се развиваат од една средно тешка клиничка слика во нагло влошување. Има и пациенти кои во почетокот не сакаат да се исконтролираат, не доаѓаат, размислуваат дека ќе помине само од себе и во исклучително тешка состојба доаѓаат во нашата болница кога веќе е предоцна. Кога ќе стигнат нашите пациенти до инфективната болница паѓа во вода сето нивно неверување за болеста која предизвикува тешко дишење, температура итн. Тогаш сите се уплашени“, вели лекарката.

Таа стравува од нов бран на болеста и да ни се случи сценариото од европските земји кое го избегнавме на почетокот од епидемијата.