Д-р Фидановски: Постковидната состојба кај децата предизвикува тешка клиничка слика


Инфламаторниот синдром е нова болест откако почна ковид-кризата таа за првпат се појави во мај, како болест кај децата во целиот свет. Предизвикана е од Ковид-19, а се појавува кај деца кои биле позитивни или биле во контакт со лице позитивно и се појавува како реакција на тој вирус и зафаќа поголем дел од органите, вели д-р Душко Фидановски во Дневникот на „Сител“.

Тој објаснува дека за овој синдром специфична е високата температура која трае повеќе денови и не реагира на повеќето антибиотици.

– Се работи за болест кој зафаќа два или повеќе системи, најчесто кожни, но може да бидат зафатени и внатрешните органи, како срцевиот мускул. Може да ги зафати и бубрезите, црниот дроб, пореметување на хемостазата како појавување на тромб. Клиничката слика е тешка. Првиот случај беше во средината на јули. До сега имаме седум дечиња. Последните дечиња беа дојдени за краток временски период. Ниту еден не е со ПЦР позитивен тест. Кај четири од нив имаше позитивна епидемиолошка анкета и имаа антитела, што значи дека биле во контакт со лице кое имало ковид, вели Фидановски.

Тој вели дека нема специфична терапија за лекување, тука има поголема палета на лекови кои помагаат во овие случаи.

Инаку денеска, откако од приватната болница „Систина“ информираа дека кај неколку деца, кои биле заразени со корона вирусот, подоцна се појавиле посериозни здравствени проблеми, министерот за здравство Венко Филипче истакна дека испратен е стручен надзор во приватната болница.

-Испратен е стручен надзор од Универзитетската клиника за детски болести во Одделот за педијатрија во приватната болница „Аџибадем Систина“ да разговараат и разменат искуства, истакна Филипче.

Директорката на Клиниката, д-р Аспазија Софијанова рече дека треба да се проверат информациите од приватните институции дека децата кои прележале ковид-19 имаат тешка клиничка слика.

-Ја проследивме таа информација. Ние имаме успешно излечено детенце кое беше на средина на циклус од лечење на леукемија и поради самата имунокомпромитичирачка состојба помина ковид-19, беше пратено дома и ќе продолжи лекувањето. Имавме уште две дечиња кои немаа така тешка клиничка слика како што беше напишано вчера. Тоа е објавено од приватни институции и тоа сметам дека ќе треба да се ревидира, да се испита реалната состојба. Цело време ги следиме светските студии, а Универзитетската клиника за детски болести е последното ниво каде доаѓаат вистински така комплицирани случаи на постковид реакции кај децата. Она што ние го видовме не оди со таква клиничка слика како што беше објаснето и верувам дека сепак треба да се провери бидејќи паниката кај родителите е оправдана кога ќе прочитате таква информација, но реалноста ќе ја кажеме откако ќе направиме утврдување на фактичката состојба, рече д-р Софијанова, по примопредавањето на донацијата од 35 илјади евра од „Макстил“ за реновирање и опремување на Одделот за предвремено родени бебиња.