Д фестивал во Дојран oдложен за август


Место на почетокот на јули, 10. издание на Д фестивал во Дојран ќе се одржи од 21 до 23 август, соопшти „Пасворд продукција“.

„Оваа година ни започна со амбициозна подготовка на фестивалот, која резултираше со рекордна продажба на карти и најголем интерес досега. Во текот на изминатите месеци напорно работевме да го подготвиме и адаптираме Д фестивал на препораките за борба против КОВИД-19. Бидејќи бројките на заболени во моментов не се добри, решивме да го одложиме фестивалот за 49 дена. Во соработка и координација со нашите пријатели од Србија, тој ќе се одржи една недела после Егзит“, велат организаторите.

Со задржување на набавениот билет, се добива и можност со истиот да се присуствува на едно од наредните две изданија на Д фестивал, во 2020 или 2021 година.

„Доколку не сте во можност да присуствувате на годинашното издание, билетот можете да го задржите за 2021 година, а наскоро ќе бидат на располагање и различни решенија за поврат на средствата. Сите детали околу новите датуми и програма ќе бидат објавени наскоро“, велат од „Пасворд“.