Цветан Панделевски го блокира „Стрежево“ за неисплатена камата од 26 милиони денари 

ЗК „Пелагонија“ досега од хидросистемот наплати еден милион евра во судски спор, а и 19 милиони денари за камати


Акумулацијата „Стрежево“ служи за наводнување и за потребите на РЕК „Битола“

 

БИТОЛА – ЗК „Пелагонија“ на бизнисменот Цветан Панделевски ја блокирал сметката на ЈП „Стрежево“ од Битола за да си наплати сума од околу 26 милиони денари. „Стрежево“ Битола загуби судски спор од Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола во висина од 1 милион евра, а сумата се зголеми уште повисоко кога се вклучија каматите и судските трошоци. Иако главницата е платена, а и дел од каматата, сепак Панделевски, кој е претседател на одборот на директори на комбинатот, се решил да ја блокира државната фирма за неисплатен дел од камата.

За овој случај „Независен“ информираше во февруари 2022 година, а привлече внимание бидејќи е една од ретките пресуди каде јавно претпријатие требаше да исплати толкава сума на пари кон приватна фирма. Лани по пресудата за само една недела, државното претпријатие  „Стрежево“ Битола му ја исплати отштетата од 1 милион евра и судските трошоци на комбинатот на Панделевски.

Информацијата за блокирањето на сметката на „Стрежево“ ни ја потврди и првиот човек на јавното претпријатие Методија Граматковски.

Граматковски ни кажа дека во вторникот, на 1 август, ЗК „Пелагонија“ го блокира „Стрежево“ за неисплатен дел од камата од 26 милиони денари.

„Каматата за долгот беше околу 45 милиони денари, исплативме 19 милиони, а имаме препорака од Владата и Министерство за земјоделие каматата да ја компензираме со испорачаната вода. Но, тие ја блокираа нашата сметка“, потврдува за „Независен“ Граматковски. Тој вели дека главниот долг кон комбинатот на Панделески, делот од камата, како и судските трошоци од 800 илјади денари „Стрежево“  ги исплатило со „сопствени заштедени средства“.

Поради значењето и важноста на ЈП „Стрежево“, особено поради испораката на вода кон РЕК „Битола“, како стожер на електроенергетскиот систем и испораката на вода кон земјоделците, Граматковски вели дека се обратиле до Основниот суд Битола да го стопира извршувањето и во тоа успеале, барем така ги информирал извршителот, иако досега не добиле решение од судот написмено.  

„Презедов законски правни мерки со тоа што доставив барање до Основниот суд за одлагање на извршувањето од причини што ‘Стрежево’ е значајно и за Македонија со тоа што испорачува вода за РЕК ‘Битола’, за земјоделците во Пелагонија и за граѓаните за општините Битола, Новаци и Могила бидејќи испорачува вода за пиење преку ЈП ‘Водовод’ Битола. Со извршувањето би се загрозила работата на претпријатието и нормалната испорака на вода. Основниот суд во Битола го прифати нашето барање и сметката е одблокирана, така не извести извршителот, веројатно од понеделник ќе добиеме и написмено“, изјави Граматковски за „Независен“.

Кога лани во февруари „Стрежево“ за само една недела беше исплатена отштетата од 1 милион евра и судските трошоци на ЗК „Пелагонија“ кај вработените се јавија стравувањата дали претпријатието ќе има средства да исплаќа плати по овие милионски суми отштета. Сега стравувањата на вработените станаа реалност, велат вработени кои сакаат да останат анонимни. Но, Граматковски вели дека јулската плата е исплатена и очекува да функционираат нормално.  

Судскиот спор меѓу „Стрежево“ и комбинатот на Панделевски заврши и на Врховен суд. Од таму се уште нема конечна одлука.

„Предметот по одлуката лани од Апелацискиот суд го обжаливме пред Врховен суд. Врховен ја прифати нашата ревизија и повторно го врати на разгледување во Апелација во Битола. Истиот судски совет пресуди во корист на ЗК ‘Пелагонија’. Ние пак се жалевме и сега предметот е на повторно одлучување во Врховен суд“, ја објаснува последната ситуација Граматковски.

Зошто бизнисменот Панделевски се одлучил да го блокира „Стрежево“ и покрај платената главница од долгот, дел од каматите и судските трошоци, испративме прашања по меил, но засега немаме одговор од ЗК „Пелагонија“

Проблемот помеѓу ЗК „Пелагонија“ и „Стрежево“ е од 2015 година, кога во февруари се појави големо свлечиште кај селото Драгарино и сериозно го оштети главниот канал за довод на вода и цевководот на ХС „Стрежево“ од кој со технолошка вода се снабдуваат РЕК „Битола“ и индустриската зона, како и плодните пелагониски ниви. Во летото истата година свлечиштето направи проблем на водоснабдувањето, поради што и Битола имаше рестрикции за вода, а нивите во Пелагонија малку се наводнуваа. Свлечиштето беше санирано во летото 2018 година.

ЈП „Стрежево“ Битола последниот период е во фокусот на јавноста и поради изградбата на хациенда и други вили во санитарната зона на акумулацијата „Стрежево“ од каде Битола и битолско пијат вода. Вилите се на самиот брег на езерото, се градат неколку години наназад, а „Стрежево“ за градбите пријави до надлежните институции лани летото. ОЈО Битола отвори предмет, а главното прашање е кој ги дозволи тие градби и зошто ниту една од надлежните институции досега не реагирала.