Цуцковски ги соопшти селекторите на музичкиот и драмскиот дел на Охридско лето 2025


Симона Ѓорчева, музички менаџер и режисерот Ненад Витанов се новите селектори на музичкиот и драмскиот дел од програмата на НУ „Охридско лето“.

Директорот Ѓорѓи Цуцковски најави дека заедно со селекторите ќе создадат свежа, интересна и квалитетна програма. Вели дека ќе се залага да се искористи високиот уметнички кадар од Европа а ангажманот на Симона Ѓорчева во Македонија е прв пример за тоа. Според него нејзиниот придонес ќе биде од огромно значење во создавањето на една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековна традиција на Фестивалот.

„Со професионалноста и умешноста на новите селектори ќе внесиме свежина во програмата и убеден сум дека тоа ќе го препознае стручната критика и нашата верна публика“, вели директорот Цуцковски.

М-р Симона Ѓорчева е управен директор на Камерниот оркестар во Келн, Германија со големо искуство во делот на организација на концерти и концертни турнеи. Претходно работела како проектен менаџер на Шуманфест во Дизелдорф каде остварила бројни контакти со врвни уметници ширум светот. Таа исто така била и генерален директор на меѓународниот натпревар Роберт Шуман за млади пијанисти до 20 години во Дизелдорф како и координатор во Центарот за високо талентирани музичари, Шуман Јуниор.

Во својата кариера м-р Ненад Витанов има режирано над 20 театарски претстави во повеќе театри а неговите претстави се селектирани на повеќе театарски фестивали и имаат добивано награди. Вработен е во Народниот театар Јордан Хаџи Константинов – Џинот во Велес. Витанов бил програмски директор на ФАД Стоби, организатор на „Рацинови средби, директор на театарскиот фестивал „5РЕ“, како и дел од жирито за доделување на наградата Петре Прличко.

Годинава од 12 јули до 20 август ќе се одржи 65 фестивалско издание на „Охридско лето“.