Црвениот крст побара 20 милиони евра за зголемените потреби во Ерменија


Црвениот крст побара нешто повеќе од 20 милиони евра за да одговори на растечките хуманитарни потреби поради егзодусот на Ерменците од енклавата Нагорно-Карабах по кратката офанзива на азербејџанските сили.

Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина во соработка со Меѓународниот комитет на Црвениот крст ги активираше плановите за вонредни ситуации и мобилизираше неколку стотици вработени и волонтери.

-Ситуацијата на теренот е ужасна. Гледаме семејства чии деца се толку слаби што се онесвестија во прегратките на нивните родители. Овие околности бараат итна и голема поддршка, кажа регионалната директорка на федерацијата за Европа Биржит Бишоф Ебезен.

Околу 89.000 бегалци од 120.000 жители на Нагорно-Карабах од неделата ја преминале границата за да избегаат од контролата на Азербејџан.

Финансиската помош има за цел да обезбеди хуманитарна помош за десетици илјади луѓе кои ја напуштаат енклавата, но и да ги поддржи бегалците и локалното население на долг рок.

Азербејџан неодамна почна воена операција во Нагорно-Карабах, која заврши по 24 часа со договор со Ерменците да го положат оружјето и да преговараат за реинтеграција на таа отцепена територија во Азербејџан.

Во 2020 година, Ерменија и Азербејџан се судрија околу контролата врз регионот Нагорно-Карабах, а конфликтот заврши со мировен договор со кој се призна победата на азербејџанските сили. Договорот беше постигнат со помош на Русија.