Црвениот килим на Мостра под маски : Филмската елита во Венеција и покрај Ковид-19


Италија- Со проекција на филмот „Лачи“ од Даниеле Лучети вчера почна 77. Меѓународен Филмски фестивал во Венеција, најстариот во светот.

Оскаровката Кејт Бланшет, претседателка на жирито

Поради пандемијата, програмата на фестивалот што ќе трае до сабота, 12 септември, е намалена, а на смотрата се задолжителни заштитните санитарни мерки. Фестивалот сепак се одржува и покрај пандемијата, која досега откажа многу фестивали и слични настани или ги принуди организаторите манифестациите да ги направат онлајн.

Познатите филмски sвезди веќе почнаа да пристигнуваат во Венеција, повеќето од нив традиционално со чамци и со бротчиња, а меѓу првите пристигнаа Кејт Бланшет, Тилда Свинтон, Тејлор Хил…

Познатите личности ги почитуваат прописите и носат заштитни маски.

„Чувствуваме одговорност бидејќи сме први. Знаеме дека Венеција ќе биде своевиден испит за останатите“, призна Алберто Барбера, директорот на фестивалот.

Се очекува годинава на фестивалот да стигнат околу 6.000 луѓе, отприлика половина помалку отколку што вообичаено го посетуваат фестивалот.

Во Венеција нема да дојдат повеќето претставници од Холивуд, па австралиската глумица и претседателка на жирито, Кејт Бланшет, ќе биде најголемата ѕвезда.

„Тоа е издание без ѕвезди бидејќи Холивуд е во карантин. Дали ќе има помалку гламур? Да. Дали ќе има помалку ѕвезди? Сигурно“, рече Барбера.

За време на фестивалот ќе бидат прикажани вкупно 60 играни филма и 15 краткометражни филмови. Во официјалната трка за главната награда, „Златен лав“ годинава има 18 филма, од кои четири се италијански.

Во официјалната програма годинава има помалку американски филмови, но има холивудски ѕвезди. Оскаровката Кејт Бланшет е претседател на меѓународното жири, во кое е и американскиот актер Мет Дилон. Тој влезе наместо првично најавениот романски режисер Кристи Пују. Таа промена не е официјално објавена. Можно е Пују да отпаднал поради видео во кое се противи на носење маска, која се прошири на социјалните мрежи пред неколку недели.

За „Златниот лав“, меѓу другите, се натпреваруваат „Nomadland“ на американскиот режисер со кинеско потекло Клоет Жао, во кој главната улога ја игра Франсис Мекдорманд. Тука е и филмот „The World to Come“, на американскиот режисер со шведско потекло Мон Фастволд, во кој играат Кејси Афлек, Ванеса Кирби и Кристофер Абот. Од познатите режисерски имиња се Французинката Никол Гарсија (Amants), Унгарецот Корнел Мундруко (Pieces of a Woman), Израелецот Амос Гитаи (Laila in Haifa), Иранецот Махид Махиди (Sun Children) и босанската режисерка Јасмила Жбаниќ (Quo vadis, Аида?).

Во еден документарец, фокусот е насочен кон активистката за клима, Грета Тунберг, додека Италијанецот Лука Гуадањино во краткиот филм „Фиори, Фиори, Фиори!“ следи како неговите пријатели во Сицилија се справуваат со пандемијата.

Британската актерка Тилда Свинтон и режисерката од Хонг Конг, Ан Хуи, ќе го добијат „Златниот лав“ за животно дело.