Црвена проверка за сите што ќе сакаат да го чујат Заев


Илустрација

Владата подготвува нов протокол за безбедна комуникација по гафот со руските комичари, кои во неколку наврати разговараа со премиерот Зоран Заев претставувајќи му се како Петро Порошенко (довчерашен претседател на Украина) и Јенс Столтенберг (генерален секретар на НАТО). Документот е во фаза на подготовка, но стручњаците што се инволвирани во процесот објаснуваат дека ќе се засилат контролите за сите оние што ќе побараат да разговараат со претседателот на Владата.

„Ќе се употребат класичните методи: кој се јавува, зошто се јавува, проверка на бројот, проверка на идентитетот, односно сите неопходни детали за да се достигне црвеното ниво на безбедност што гарантира дека сè е чисто и безбедно“, брифираат нашите извори од Владата.

Разузнавачите што ги консултиравме посочуваат дека безбедноста во комуникациите може да биде зголемена доколку шефовите на државите меѓусебно разговараат со „скремблирани“ телефони што до минимум ја доведуваат можноста од снимање и подоцнежна злоупотреба на разговорите.

„Условот е двајцата што разговараат или повеќетомина, доколку станува збор за конференциска врска, да поседуваат таков тип телефони. На тој начин, неканетите гости, односно прислушувачи, бадијала би си го трошеле времето затоа што тие би слушале само цвркотење на птици. Тоа е начин што се користи во светот и кога двајца премиери или претседатели имаат подобри меѓусебни односи, па нивните разговори преминуваат на приватно ниво, не само на државно, а не треба да страхуваат оти некој ги прислушува или како во последниот случај, изигрува и насамарува“, коментираат разузнавачите.

Премиерот Заев вчера нагласи дека, и покрај киксот со руските комичари Владимир Кузенцов (Вован) и Алексеј Столаров (Лексус), ќе продолжи со директните комуникации со претседатели и премиери.

„Јас сум непосреден човек и немам намера кога следниот пат ќе се јавам на Борисов или кој било премиер или претседател да барам одговор од некој протокол. Северна Македонија е пријател со сите земји. Комуницирам со сите затоа што сметам дека тоа е од помош за нашата земја. Комуникациите носат информации и тие помагаат во одлучувањето, растот и напредокот на мојата земја. Нема протокол што мене може да ме ограничи ако сакам да му јавам на премиерот Харадинај, на премиерката Брнабиќ, да се јавам на премиерот Пленковиќ или на кој било од целиот наш регион“, изјави Заев.

Претседателот на Владата нагласи дека ова, сепак, е аларм да се подигне нивото на работа на протоколите кога се прават разговори преку владините телефони, но посочи оти ќе продолжи да комуницира по телефон, по „Вибер“, по „Ватсап“ и преку сите други апликации. Тој призна дека самиот неколкупати им вртел на комичарите мислејќи оти навистина од другата страна се Порошенко и Столтенберг.

„Дури кога излегоа снимките на социјалните мрежи, сфатив дека сум измамен“, не крие премиерот.

Заев дополни дека им испраќал фотографии од посетата во земјата на германската канцеларка Ангела Меркел, а за возврат, пак, „Порошенко“ му испраќал слики од парадата на војската во Украина.

Шекеринска: Ќе спречевме да прислушувавме како Мијалков

Одговорност и вина кај премиерот или кај луѓето што работат во протоколот не гледа ниту министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Таа смета дека службите не можеле да реагираат за да се спречи разговорот со лажните Столтенберг и Порошенко. Министерката предупредува дека државата мора да се навикне на тоа дека ќе биде цел на хибридни, кибер, но и друг тип закани.

„Знаете кога службите би можеле да реагираат на такво нешто? Кога би го правеле тоа што го правеше Сашо Мијалков. Кога би ги прислушувале сите разговори на премиерот и да ги анализираат“, вели Шекеринска и прашува дали некој презел одговорност во НАТО или во Франција, каде што првите луѓе, исто така, наседнаа на измамите од руските комичари.

„Целта е да го загрозат нашиот пат до членство во НАТО. Во такви ситуации нема да се избираат средства. Ова средство не е искористено само кај нас, туку и со генералниот секретар на НАТО, францускиот претседател, но и серија други луѓе во политиката. Чудно е прашањето како им успеало во Северна Македонија кога гледаме дека тоа им успеало со врвот на Алијансата. Таков тип трикови и закани ќе продолжат, а втора работа, со овој напад не е пробиено ништо што е наша безбедносна содржина. Ние треба да си ја менуваме безбедносната култура и десетпати да провериме. Овие разговори покажаа дека премиерот во секој разговор, на секое ниво, со секој соговорник ги држи истите позиции. Овие закани не се ништо ново, но ние ќе треба да се приспособуваме на нив“, додаде Шекеринска. Според министерката, единствена одбрана од ваков тип напади е да се престане со користење телефони.

Во изработка и реализација на планот за борба против акции за дезинформирање и манипулирање ќе помага и британската влада.

Кузенцов: Заев се правдаше како дете

Владимир Кузенцов, еден од двајцата руски комичари, на Фејсбук објави текст насловен: „Премиерот на Северна Македонија признал што разговарал со комичарите од Русија“. Според него, Заев детски се правдал на прес-конференција што се одржа во вторникот. На објавата на македонскиот премиер дека ќе бидат зајакнати протоколите за безбедни комуникации, а Владата во соработка со партнерите од НАТО ќе изработи план за борба против акции за дезинформирање и манипулирање, руските шегаџии со одговор дека проблемот не е во лошата комуникација, туку во мозокот на македонскиот премиер.

„Како тој ќе ја поправи неговата комуникација? Можеби ќе го апдејтира својот телефон. Нема потреба да ја подобрува комуникацијата, туку мозокот“, пишува Кузенцов.

Јанушев: Видовме колку се плитки и Заев и советниците

„Одговорност од Зоран Заев мора да има. Одговорност мора да има и од десетиците неспособни министри и советници со кои се има опкружено затоа што Заев ги урива угледот и позициите на Република Македонија, а не на неговите семејни фирми“, истакна Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, оправдувањето за скандалозното изнесување на наводно државни тајни, информации од средби на високо ниво и прифаќањето да се исплати поткуп на вселенскиот патријарх покажува колку е всушност неспособен, криминоген и плиток и Заев и тимот околу него.

„Доколку Заев бил цел на служби што работат против западните вредности и НАТО, неговото однесување покажува дека тој и Владата немаат капацитет да бидат рамноправни партнери во Алијансата и во телата и сојузите кон кои се стреми Република Македонија. Замислете само што би се случило кога некои двајца вешти припадници на некоја терористичка организација би му се обратиле на Заев и би се претставиле како, на пример, политички аташеа. Заев и неговите советници со капацитетот што го немаат би ги издале и позициите и задачите на македонските војници кои учествуваат во мировните мисии како дел од глобалната Алијанса“, рече Јанушев и го повика премиерот да даде оставка и да се организираат предвремени избори.

Горан Адамовски