Црвен крст одбележува Недела на стари лица


Црвен крст на Град Скопје го започнува одбележувањето на Неделата на грижа на стари лица, која ќе трае од денеска до 26 ноември. Целта на програмата е развој на вонинституционални форми на грижа за стари лица и промовирање на активното стареење.

-Во рамките на Неделата на грижа за стари лица се организираат повеќе активности и тоа: информативни точки – мерење на крвен притисок и гликемија во крвта на три локации во Скопје: автобуска постојка Зелен пазар, пазар Буњаковец и ТЦ Бисер, фризерско и козметичко студио во дневните центри за стари лица во ДХО „Даре Џамбаз“, ООЦК Чаир и Сарај во соработка со средното училиште СУГС „Димитар Влахов”, хуманитарен базар во Веро Џамбо, три информативни работилници со старите лица за правата од социјална и здравствена заштита и организирање на мобилни тимови во домашни услови кај стари и изнемоштени лица со поддршка на UNFPA и  централен настан во Дом на култура „Кочо Рацин“, хуманитарна изложба „Сеќавања од минатото” со почеток од 18 до 20 часот, информираат од Црвениот Крст.

Овој сервис е поддржан од страна на Град Скопје, Албиз Фондацијата, Швајцарски Црвен крст и Министерство за труд и социјална политика. Преку програмата на активности се вклучени 200 стари лица во домашни услови и повеќе од 1500 лица на месечна основа во дневни центри за стари лица.