Црногорците и Албанците ја објавија причината за снемувањето струја
Прекинот е предизвикан од наглото зголемување на потрошувачката на струја поради високите температури, но и од топлина
Историски прекин на струја ги погоди денеска Црна Гора, Боснаи Херцеговина, Албанија и поголемиот дел од хрватското крајбрежје. Бизнисите мораа да ги затворат вратите, семафорите не работеа, а луѓето останаа без клима среде топлотен бран.
Црногорски министер: Дефектот настанал поради оптоварување на мрежата, нагло зголемување на потрошувачката и самата топлина
Како што јави Ројтерс, црногорскиот министер за енергетика изјавил дека прекинот е предизвикан од наглото зголемување на потрошувачката на струја поради високите температури, но и од самата топлина. Системите за дистрибуција на електрична енергија се поврзани во земјите ширум Балканот, потсетува Ројтерс.
„Дефектот настана како резултат на големо оптоварување на мрежата, нагло зголемување на потрошувачката на електрична енергија поради високата температура и самите високи температури“, изјави црногорскиот министер за енергетика Саша Мујовиќ во телевизиски пренос.
Напојувањето, а на некои места и интернетот, ги снема околу 12:30 часот, според Ројтерс, додавајќи дека операторите на електроенергетските системи на балканските држави рекле дека почнале да го обновуваат снабдувањето до средината на попладневните часови.
Сообраќајот е запрен во главниот град на Босна Сараево, Бања Лука и Мостар, додека температурите во делови од регионот достигнаа 40 степени Целзиусови.
Во Подгорица многумина останаа без вода, сообраќаен колапс во Сплит
Многу луѓе останаа без вода во Подгорица бидејќи пумпите престанаа да работат, известија мештаните. Клима уредите беа исклучени, а сладоледот се топеше во продавниците.
Сообраќаен колапс е забележан и во Сплит, каде одекнале итни сирени. Експертите сè уште се обидуваат да утврдат од каде започнала хаваријата , додаде тој.
Што велат Албанците? „Големи количини на енергија во системот и многу високи температури“
Албанската министерка за енергетика Белинда Балуку изјави дека има дефект на интерконекторот меѓу Албанија и Грција и дека слушнала за слични околности во Црна Гора и делови од Хрватска и Босна и Херцеговина.
За целосна истрага ќе биде потребно време, но раните анализи сугерираат дека „големите количини на енергија во системот за пренос и многу високите температури го создадоа овој технички проблем“, додаде Балуку во видео повик.
Напојувањето беше вратено во Албанија во рок од половина час, но земјата и понатаму е изложена на висок ризик од дополнителни прекини, бидејќи потрошувачката на струја и нивото на топлина остануваат високи, рече таа.