Црни рекорди со бројот на новозаболени, Владата треба да пресече за новите рестриктивни мерки


Нов рекорд на новозаболени од Ковид-19 беше регистриран вчера од дури 386 новозаразени, по што надлежните уште еднаш испратија апел до граѓаните да не забораваат на маска, дезинфекција и да држат дистанца.

Носење маска на отворено, забрани за поголеми семејни прослави во домашни услови и групирање на јавни простори по 22 часот се мерките кои се предложени од Комисијата за заразни болести со цел заштита на здравјето на граѓаните, а се очекува Владата да ги прифати. Доколку овие мерки не дадат резултат, постои и можност за воведување рестрикции во движењето.

Со оглед на тоа што една од предложените мерки е задолжително носење на маски, останува отворено и прашањето дали казните за нивно неносење ќе се зголемат. Сепак, според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, такво нешто нема да даде ефект.

Тој смета дека само зголемувањето на бројот на казни, што во моментот се движат од 800 до 900 на ден, покажува дека имаме непочитување на овие одлуки, но се покажува и решеноста да истраеме во спроведувањето на одлуките.

Според министерот, некогаш е многу поважно ако треба и со помала казна, меѓутоа да се почитуваат тие мерки што ги имаме со поголеми контроли.

-Сметам дека малку и нивото на разбирање на сериозноста на состојбата со КОВИД-19 ќе не доведе уште повеќе да ги почитуваме мерките што ги предлагаат здравствените власти, а членовите на Влада ги носат одлуките, со цел да ги заштитиме граѓаните, изјави вчера Спасовски.

Во секоја кризна состојба, па и оваа со КОВИД-19, оцени министерот, превентивата и подигањето на јавната свест е најважната работа и затоа постојано се апелира до граѓаните.

Во однос на тоа како полицијата ќе ја спроведува мерката за контрола и проверка на домовите, надлежните вчера посочија дека уставните начела ќе се почитуваат, а тоа е начело за неповредливост на станот или на домот. Сепак, се очекува Владата да ги донесе одлуките, а потоа да се одговори на овие дилеми на кој начин ќе се спроведуваат мерките.

Министерот Спасовски појасни дека неповредливоста на домот е уставна категорија, но одлуките што ќе бидат донесени, а се во функција на заштита на животот и здравјето на граѓаните ќе бидат предвидени и ќе има соодветни механизми на котрола и на нивното спроведување.

– Не би сакал да разговараме сега кога не се усвоени на Влада, за обликот на тие мерки и што треба да опфатат. Ќе ги слушнеме мерките и аргументите на здравствените власти за секоја од мерките и тогаш ќе се донесе одлуката на Владата. Граѓаните треба да знаат дека постапувањето на полицијата ќе биде исклучиво во заштита на уставните начела и на законските норми, изјави Спасовски.

Доколку мерките за заштита од Ковид-19 не дадат резултат, ќе има препорака за рестрикција во движењето.

Министерот за здравство Венко Филипче синоќа изјави дека верува оти овие мерки ќе дадат резултат. Но, доколку не дадат сигурно дека ќе има препорака за рестрикции во движењето. Најпрво, како што рече, следи скратување на работните часови на одредени економски субјекти, угостителски објекти, но и рестрикција во движењето.

-Видовме какви искуства имаа некои земји кои нагло ги отворија градинките и училиштата. Затоа ние поучени од тоа, постепено ги отворивме училиштата. Но, тие земји се соочија со еден нагол скок на случаи, нагло оптеретување на болничките капацитети, како во Израел, каде мораа да воведат рестрикција во движењето. Тоа ќе следи ако имаме и понатаму зголемување на бројот на дијагностицирани случаи и дополнително оптеретување на болничките капацитети, потенцираше Филипче.

Тој уште еднаш ги повика граѓаните да не забораваат на маска, дезинфекција и да држат дистанца.

– Заборавив веќе не е оправдување. Заборавањето на основните мерки за заштита може да биде фатално. Не забораваш клучеви, телефон и пари? Не заборавај маска, дезинфекција и да држиш дистанца. Едноставно е, порача Филипче.

Вкупната број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 20.163, оздравени се 16.009, а починаа 781 лице. Во моментов бројот на активни случаи изнесува 3.373.