Црни прогнози: Корона вирусот може да убие меѓу 100.000 и 200.000 луѓе во САД


Милиони Американци ќе бидат заразени со Ковид-19, а бројот на смртни случаи може достигне меѓу 100.000 и 200.000 луѓе, изјави инфектологот Антони Фаучи, советник на американскиот претседател Доналд Трамп

„Врз основа на она што го гледаме денес, јас би рекол дека од Ковид -19 би можеле да умрат меѓу 100.000 и 200.000 луѓе“, рече д-р. Антони Фаучи за бројот на можни фатални исходи од инфекцијата со корона вирусот. Тој исто така спомена дека ќе бидат заразени милиони луѓе.

Директорот на Националниот институт за заразни болести внимателно потсети дека предвидувањата секогаш се темелат на различни претпоставки.

„Се соопштуваат најлошото и најдоброто сценарио, а најчесто се случува нешто помеѓу нив“, рече тој.

Антони Фаучи

„Меѓу болестите на кои работев, никогаш не го доживеав најлошото сценарио. Тие сценарија секогаш се преценети“, додаде тој.

Според податоците на универзитетот „Џон Хопкинс“, во САД службено се потврдени речиси 125.000 позитивни случаи на Ковид-19, што е рекорд во целиот свет.

Од средата бројот на загинати (2.191 лица) е речиси двојно зголемен. Медицинскиот факултет на Универзитетот во Вашингтон, врз основа на сегашната траекторија, го предвидува врвот на епидемијата во средината на април, со околу 80.000 смртни случаи кој би стагнирал од јуни.

Нивните процени се меѓу 38.000 и 162.000 смртни случаи. За споредба, во 2018 и 2019 година од епидемијата на грип во САД починале 34.000 луѓе.