„Црната точка“ во Влае се заканува со нови жртви


Неколку години откако камион прегази дванаесетгодишно девојче кое почина на самото место на крстосницата на улиците „Адолф Циборовски“, која сега е преименувана во „Војвода Васил Чакаларов“, и улицата „Ангел Динев“, кои се наоѓаат меѓу скопските населби Хром и Влае, завчера на истото место автомобил „југо“ прегази една година помало девојче кое заврши со тешки повреди.

Сообраќајката се случи во четвртокот попладне, а девојчето во стабилна здравствена состојба се наоѓа на скопските клиники.

Очевидци тврдат дека „југото“ поминало на црвено, го влечело девојчето дваесетина метри, а нејзините предмети се разлетале на сите страни. Девојчето со возило на Брза помош било пренесено в болница, а вчера попладне се вршеше увид на местото на сообраќајката и дел од улиците беа блокирани. Полицијата и обвинителството треба точно да утврдат како се случила сообраќајката, односно дали „југото“ поминало на зелено или на црвено светло и дали девојчето поминувало на пешачки премин.

Жителите на овие скопски населби сведочат дека оваа крстосница станува ноќна мора за сите бидејќи возачите не знаат дали пред нив ќе излезе пешак кој поминува пешачки на зелено додека тие вртат на десната страна, исто така на зелено светло. Пешаците, пак, минуваат на зелено не очекувајќи дека на нив ќе налета некој автомобил. Во непосредна близина на крстосницата се наоѓа основното училиште „Димо Хаџи Димов“ и оваа улица секојдневно ја преминуваат деца.

Сашо Ристески, дипломиран сообраќаен инженер за патен сообраќај и транспорт, објаснува дека ова е пропуст во светлосната сигнализација, прво од страна на проектантот и пропуст на службата за превенција од сообраќјни незгоди при МВР.

„Проектантот го има минимизирано зелениот сигнал за пешаците со единствена цел да овозможи поголем проток на возила и да избегне создавање колони. Пропустот на проектантот резултира со загуба на човечки животи и неколку повредени од причина што кога пешакот почнува да преминува на зелено светло нема заштитно време меѓу фазите и во исто време возилата поминуваат на зелено светло“, вели Ристески.
Надлежни за овој проблем со кој секојдневно се соочуваат граѓаните се секторот за сообраќај на Град Скопје и секторот за безбедност во патниот сообраќај на МВР. Од Град Скопје и Министерството за внатрешни работи си ја префлраат одговорноста и не ни одговорија на прашањата како ќе го решат овој проблем.

Во 2016 година на истото место камион прегази и на самото место усмрти дванаесетгодишно девојче. Девојчето тргнало да пазари со мајка си. Додека мајката била во маркетот, девојчето тргнало само да ја преминува улицата. Иако ја минувало улицата на зелено светло, камион исто така минувал на зелено, не го забележал девојчето и го прегазил. Возачот беше осуден на една година затвор, а во завршните зборови побара прошка од семејството на девојчето. Како олеснителна околност при носењето пресуда, одбраната наведе дека обвинетиот има нарушена здравствена состојба, односно проблеми со срцето поради што прима редовна лекарска терапија. Исто така, обвинетиот бил единствениот член што обезбедува егзистенција на своето семејство, а има и дете со нарушено психо¬физичко здравје, со дијагностициран тумор и во инвалидска количка.

„Не успеав да ја видам, не знам како и зошто се случи. Секогаш сум бил максимално внимателен во сообраќајот и никогаш не сум направил сообраќајка. Би се заменил и јас би легнал на нејзиното место. Срцето би го откорнал само да ја вратам. Која казна и да ја одредите, јас ќе страдам цел живот“,¬ рече обвинетиот пред судот.
Ваква некоординирана светлосна сигнализација има не само во овој дел од градот, туку и во скопската населба Аеродром кај трговскиот центар „Три бисери“. Возилата од трговскиот вртат на зелено светло лево кон трговскиот центар „Бисер“, а пешаците истовремено на таа лента минуваат исто така на зелено светло. Засега никој не ги решава овие проблеми во сообраќајот.(Ф.Ф.С.)