Црна Гора воведува данок на екстра профит


Владата на Црна Гора планира како привремена кризна мерка да воведе дополнителен данок за сите компании чии приходи во минатата и оваа година надминуваат пет милиони евра.

Како што пренесува подгорички „Вијести“, компаниите кои се даночни обврзници согласно Законот за данок на добивка на државата ќе треба да и плаќаат  солидарен придонес (данок на дополнителна добивка), кој Министерството за финансии планира да го воведе како привремена кризна мерка за две години.

Овој предлог-закон официјално е ставен на јавна расправа од понеделник до 20 март.

Данокот на дополнителна добивка се воведува поради, како што се наведува, вонредни настани на глобално ниво, на кои е изложена Црна Гора.

Министерството за финансии одлучи да го предложи тој закон за фирмите кои во економската криза оствариле дополнителна добивка, благодарение на владините мерки, да остварат зголемен профит.

Во образложението на министерството се наведува дека Владата преку стратешки мерки го поттикнува развојот на економијата, со цел преку нов пакет мерки за помош да се намали товарот на негативните околности и енергетската криза врз граѓаните.