Црна Гора во следните четири години мора да врати 2,6 милијарди стари долгови


 

Во следните четири години Црна Гора мора да врати 2,65 милијарди евра стари долгови, а се уште не се знае како ќе се обезбедат парите за тоа.

Во Министерството за финансии велат дека најголемите обврски се поради државните обврзници кои доспеваат, додека економистите предупредуваат дека државата без економски развој и намалување на јавната потрошувачка ќе влезе во нови скапи долгови.

Јавниот долг на Црна Гора на крајот на минатата година изнесуваше 4,1 милијарда евра, во кои освен државните влегуваат и долговите на општините. Министерството за финансии соопшти дека за три месеци од годинава успеале да исплатат 44 милиони евра стари обврски, но и да позајмат 100 милиони кај Дојче банк.

Во моментов најмногу им должи на банките и на купувачите на црногорски обврзници.

„Најголеми се обврските по еврообврзници во износ од 1,75 милијарди евра, обврските кон деловните банки во износ од 420 милиони и обврските кон Exim China Bank за автопатот“, изјави претставникот на Министерството, Светлана Вукиќевиќ за ТВЦГ. 

Црна Гора во следните четири години треба да врати 2,65 милијарди евра стари долгови, додека до 2025 година само за камати ќе бидат потрошени над 300 милиони евра.

Од кои извори ќе ги финансира долговите и редовните обврски се прашања на кои засега никој не се осмелува да одговори.

Економистите предупредуваат дека не е во прилог на земјата што во последните години се зголемува јавната потрошувачка, како и тоа што нема долгорочно управување со јавните финансии.

„Кога имате зголемени плати, ја доведувате државата во ситуација да не може да ги врати долговите што ќе дојдат во наредниот период. Ми се чини дека во следните шест години ќе треба да вратиме еден бруто домашен производ (БДП) на Црна Гора само за да ги исплатиме долговите“, вели економскиот аналитичар Мирза Мулешковиќ.

Најзадолжени земји од Европската унија се Грција, Италија и Шпанија, чиј јавен долг е далеку над критериумите од Мастрихт од 60 отсто од бруто домашниот производ. Јавниот долг на Црна Гора е 70,7 отсто од БДП, а Мулешковиќ не ја исклучува соработката со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со цел намалување на долгот и трошењето.