Црна Гора стана хит меѓу Германците за вложување во недвижнини


 

Минатата година германските граѓани и компании инвестирале најмногу пари од сите странци во купување недвижности во Црна Гора.

Некои продаваат недвижен имот и во Германија за да започнат туристички бизнис во Црна Гора, пишува Дојче веле.

Петчленото семејство Оберендер од Кобург во германската сојузна покраина Баварија првпат ја посети Црна Гора во јуни минатата година.

Само два месеци подоцна купиле куќа во крајбрежната населба Утјеха кај Бар.

Тие накратко се вратија во Германија, за од ноември трајно да ја заменат со Црна Гора.

„Прашавме пријатели за неколку земји, Бугарија, Унгарија, дури и Мексико. Како деца поминавме неколку летни одмори во Југославија, во Дубровник. Одамна ни се допаѓа менталитетот на луѓето овде, особено кога велат: Вие работите во Германија, а ние живееме во Црна Гора“, велат за Дојче веле Ања и Ралф Оберендер.

И двајцата се информатичари, а Ралф е електро инженер.

Ќерките Хана и Ела веќе се запишаа во основно училиште во Улцињ и го учат црногорскиот јазик, а по нивните стапки наскоро ќе тргне и братот Макс. Го ставија својот дом во Германија на продажба и чекаат купувач.

Семејството Обендер е само едно од германските семејства кои се преселиле во Црна Гора во последната година.

Според црногорското Министерство за внатрешни работи, повеќе од 700 германски државјани во моментов живеат во Црна Гора, која има околу 600.000 жители.

Фактот дека минатата година германските граѓани и компании вложиле најмногу пари од сите странци во купување недвижности во Црна Гора, покажува дека интересот на Германците за доаѓање е зголемен.

Странски граѓани и компании купиле недвижен имот во вредност од 370 милиони евра во првите 10 месеци од 2022 година, покажуваат податоците на Централната банка на Црна Гора.

На прво место се Германците со 57 милиони евра, а по нив се неприкосновените Руси со 50 милиони.

На ова секако влијаеше владината програма за економско државјанство, односно добивањето црногорски пасош во замена за инвестиции.

Германците во Црна Гора се претежно концентрирани во Бар, па затоа веќе се нарекуваат „барски Германци“.

Најпознат е Мајкл Бадер, кој веќе 15 години живее во населбата Утјеха и „е прва помош“ на многу сонародници кога ќе пристигнат во Црна Гора.

Така им помогна на Обендерови.

Во Германија, Бадер живеел во близина на Кобленц, а по црногорскиот референдум за независност во 2006 година купил стан во Црна Гора, како што вели, „чисто за одмор“.

„Тогаш не размислував ниту за туризам, ниту за некој друг бизнис. Меѓутоа, наскоро, сосема случајно, го изнајмив тој стан и пристигнаа првите туристи. Следната година дојдоа уште повеќе. Тогаш сфатив каква развојна можност е тоа, па чекор по чекор ја заменив Германија со Црна Гора“, вели Бадер за Дојче веле.

Оттогаш изнајмува станови и со помош на своите партнери организира патувања и тури низ Црна Гора, а ја основа и фондацијата „Иднината на црногорскиот туризам“.

Тој е фокусиран на туристите од германското говорно подрачје и заедно со уште двајца Германци неуморно ја промовира Црна Гора како туристичка и културна дестинација, а особено е горд на промоцијата преку германските телевизии како SAT 1, WDR, SWR. и АРТЕ.