Црна Гора продава југословенски воени бродови зашто нема кадар за нив

Црногорската Влада донесе одлука да се повлечат двата најголеми брода од морнарицата на Армијата на Црна Гора – патролните бродови П-33 и П-34 и да се понудат на продажба, а парите да се пренаменат за купување ново оружје и опрема.

Одлуката е образложена со тврдење дека бродовите се „преголеми, прескапи и прекомплицирани за употреба во Морнарицата на АЦГ“, која нема ниту кадри кои би можеле да работат со нив, пренесува весникот „Вјести“.

Бродовите се направени кон крајот на 80-те години од минатиот век како столб на силните поморски сили на некогашната Југословенска воена морнарица.

Министерството за одбрана ќе изврши проценка и ќе ја одреди почетната цена на бродовите. Според весникот, бидејќи станува збор за употреблива и перспективна воена техника, Министерството ќе го бара новиот сопственик на таканаречен доверлив тендер со ознака за тајност.

За овие два брода, кои се во добра техничка состојба, интерес покажале повеќе држави, меѓу кои Пакистан, Турција, Бангладеш и Израел.

„Вијести“ пренесува и дека владата на Црна Гора била предупредувана уште пред 12 години кога одлучи да го уништи и затвори военото бродоградилиште Арсенал во Тиват, односно пред четири години кога истото го направи со Јадранското бродоградилиште Бијела, бидејќи најголем проблем во одржувањето на овие бродови претставува непостоењето на специјализирани ремонтни установи или фирми во Црна Гора кои имаат капацитети за одржување и ремонт на бродските вооружени системи и системите за управување со оган, што веќе подолг период влијае на исправноста на овие ситеми.

„Котор“ (P-33) и неговиот близнак „Пула“ (сега P-34), беа најголемите и најмоќните воени бродови на некогашната југословенска воена морнарица. Овие две ракетни фрегати се градени во 1986 и 1988, а бродовите се долги 92 и широки 11,7 метри.