Црна Гора може да заработи 10 пати повеќе од нафта отколку од туризмот
Канадски консултант му пишал на црногорскиот министер за капитални инвестиции и му испратил детален план што да прави
Нафтата е единствениот ресурс што може да ги реши сите црногорски финансиски проблеми до 2024 година, смета Владимир Поповиќ, канадски експерт и консултант за геофизика и нафтени истражувања од црногорско потекло.
Својот предлог за проект за развој на нафтената индустрија го испратил до министерот за капитални инвестиции Младен Бојаниќ, со чија реализација Црна Гора за многу кратко време би можела да има најмалку десет пати поголеми приходи од нафта отколку од туризмот, пренесува РТЦГ.
– Сè што треба да се направи е да се формира национална нафтена компанија како сопственик на црногорското подморје, да се донесат шест експерти за пронаоѓање нафта, да се испланира 3Д програма (3Д геофизичко истражување) низ целата област од Хрватска до Албанија, да се вклучи конзорциумот Eni-Novatek и Energean 3D програмата во заедничката програма и компанијата да се регистрира на берзата во Њујорк или на некоја друга берза, вели Поповиќ.
Тој смета дека акциите на компанијата дополнително ќе се зголемат кога ќе ја водат нафтени експерти.
– Арамко, најголемата нафтена компанија во светот, користи главно странски консултанти и е формирана на истиот принцип што јас го предлагам за Црна Гора, што е стандарден начин на истражување во светот каде што ветувачките зони со нафтен/гасен потенцијал се покриени со униформна 3Д сеизмика, рече Поповиќ и додаде дека проектот нема да падне на товар на Црна Гора, туку ќе донесе огромни придобивки.
Според него, постојат неколку можни начини за финансирање на овој проект.
– Од 49 отсто продадени акции би се финансирале консултанти и 3Д програма за 2.000 квадратни километри, рече Поповиќ.
Бидејќи Ени-Новатек и Енергеан мора да се вклучат во новата 3Д програма, треба што поскоро да се организира состанок со нивните претставници, на кој би се разгледала можноста за финансирање на целата или дел од 3Д програмата.
– За возврат тие компании би добиле право да направат сопствена интерпретација на комплетната 3Д програма, што би им овозможило далеку подобро толкување на сопствените лиценци. Колку се поуспешни тие компании, толку е поголема придобивката за Црна Гора, рече Поповиќ, кој смета дека на ЕУ треба да и се предложи да финансира 3Д програма која ќе открие дополнителни резерви на гас и нафта, пренесува Блиц.
– За возврат, Црна Гора би го затворила рудникот за лигнит во Пљевља, кој според политиката на ЕУ и онака мора да биде затворен. Тоа би било голем плус за влез на Црна Гора во ЕУ, посочува Поповиќ и додава дека процесот на истражување на нафта и гас во Црна Гора досега е многу бавен и треба значително да се забрза.
„Владата треба да испита од кои фондови доаѓаат средства за да се саботира развојот на нафтената индустрија, а со тоа и економијата во Црна Гора, под наводната грижа за морското загадување и глобалното затоплување“, рече Поповиќ, додавајќи дека Ени и Новатек се „врвни светски компании, со врвна технологија која ја гарантираат со целиот имот во случај на инцидент со дупчење.
Конзорциумот од компаниите „Ени“ и „Новатек“ на 25 март го започна првото истражно дупчење во подморјето кај Улцињ. Владата претходно најави дека на таа локација се очекува големо наоѓалиште на нафта.