Црна Гора: Лидерите на опозицијата добија по 5 години затвор за случајот „Државен удар“
Обвинетите за тероризам на изборниот ден во Црна Гора во 2016 година се виновни, соопшти Судскиот совет во Вишиот суд во Подгорица.
Станува збор за првостепена одлука и обвинетите имаат право на жалба.
Рускиот државјанин Едуар Шишмаков е осуден на единствена казна затвор од 15 години за кривично дело создавање криминална организација и тероризам во обид, а неговиот сонародник Владимир Попов на 12 години за истите кривични дела.
Лидерите на опозицискиот Демократски фронт Андреја Мандиќ и Милан Кнежевиќ се осудени на по пет години затвор. Возачот на Демократски фронт, Михаило Чаѓеновиќ е осуден на една година и шест месеци затвор.
Српските државјани Милош Јовановиќ, Немања Ристиќ, Предраг Богиќевиќ, Братислав Дикиќ, Кристина Крстиќ, Бранка Милиќ, Милан Душиќ, Драган Максиќ и Србољуб Ѓорѓевиќ се оуседни на затворски казни од 18 месеци до седум години, јави Радио-телевизија Црна Гора.
– Секој член на криминалната организација имал однапред одредена задача и улога, а во дејствувањето на криминалната организација постоела подготвеност за примена на насилство и застрашување, при што сите биле пресметливи и свесни за своето дело и сакале негово спроведување, притоа знаејќи дека тоа дело е противправно – образложи главната судијка.
Судењето за обид за тероризам на денот на парламентарните избори на 16 октомври 2016 година, во подгоричкиот Виш суд почна на 6 септември 2017 година, а заврши на 28 март оваа година.
На групата руски и српски државјани, заедно со шефовите на црногорскиот опозициски Демократски фронт (ДФ), Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, им беше изречена пресуда за обвинувањата дека ноќта на последните парламентарни избори во Црна Гора, планирале упад во Собранието, апсење или ликвидација на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и насилна смена на власта, со цел да се спречи влезот на Црна Гора во НАТО. Судењето траеше над една и пол година и е прво во историјата на Црна Гора директно пренесувано на телевизија.
Сите се обвинети и за создавање криминална организација.