Црна Гора ги ограничи маржите за основните прехранбени производи


Владата на Црна Гора денеска донесе одлука за ограничување на трговските маржи за повеќе од 500 артикли во големите супермаркети, додека малите продавници не подлежат на оваа одлука. Одлуката ќе стапи на сила на почетокот на април, а ќе важи до крајот на мај, кога се очекува да започне летната туристичка сезона.

Како што изјави премиерот Милојко Спајиќ по седницата на црногорската влада, целта на оваа одлука е да се намали инфлацискиот притисок врз граѓаните, бидејќи, како што рече, инфлацијата во Црна Гора е увозна.

„Со ова не само што се запира поскапувањето, туку и се намалуваат цените на 500 артикли кои се најважни за животот на граѓаните на Црна Гора“, рече Спајиќ.

Пред да ја донесе оваа одлука, црногорскиот премиер имаше средби со претставниците на Стопанската комора на Црна Гора, на кои беше договорено оваа акција да не се спроведува во мали продавници и трговски синџири чии капацитети во Црна Гора не надминуваат 600 метри квадратни.

Инфлацијата во Црна Гора во 2023 година изнесува 8,6 отсто. Просечната плата во Црна Гора е 814 евра, а минималната 450 евра.