Црна Гора доби нова влада, старите проблеми остануваат


 

Парламентот на Црна Гора вечерва ја именуваше новата влада што ќе ја предводи Дритан Абазовиќ.

Неговата влада ќе биде малцинска, со 20 министри и четворица потпретседатели.

Таа е составена од партијата УРА на Абазовиќ, СДП, просрпската СНП и малцинските партии, а ќе биде поддржана од ДПС на претседателот Мило Ѓукановиќ без да учествува во неа.

Новото парламентарно мнозинство претходно за претседател на Собранието ја избра Даниела Ѓуровиќ од СНП.

Поголемиот дел од опозицијата не учествуваше на седницата, но и покрај тоа седницата траеше повеќе од осум часа бидејќи имаше многу полемики.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, веднаш му честиташе на премиерот Абазовиќ.

„Му честитаме на премиерот Абазовиќ за новата црногорска влада. Ја очекуваме нашата заедничка работа за да може Црна Гора да постигне опиплив напредок на патот кон ЕУ“, напиша Борел на Твитер.

Тој, исто така, изјави дека Црна Гора е „доверлив партнер, целосно усогласен со политиката на ЕУ“.