Црна Гора: Дијаспората за 15 години испратила 7,3 милијарди долари


Сега еврото вреди нешто помалку од 1,02 долари.

 

Консултантската компанија „Фиделити Консалтинг“ на Фејсбук објави дека дијаспората во последните 15 години во Црна Гора испратила вкупно 7,3 милијарди долари.

„Во првата година по обновувањето на независноста (2007) испратија 196 милиони долари, што беше 5,3 отсто од црногорскиот БДП. Секоја година се зголемува приливот од дијаспората. Петнаесет години подоцна, во 2021 година, дијаспората испратила 793 милиони долари (четири пати повеќе од 2007 година), што претставувало 13,54 отсто  од нашиот БДП“, објави „Фиделити Консалтинг“.

Тие велат дека суштината е дека во изминатите 15 години луѓето масовно и организирано ја напуштаат Црна Гора.

„Парите што ги заработуваат во странство им ги испраќаат на членовите на нивните семејства за во повеќето случаи да преживеат и да заштедат малку во Црна Гора. Резултат: привидна финансиска рамнотежа во националната статистика. Всушност, во последните 15 години се случи структурна и фундаментална демографско-социјална катастрофа од огромни размери, која е невозможно да се санира на краток и среден рок; згора на тоа, се зголемува бројот на луѓе кои заминуваат“, посочуваат од консултантската куќа, пренесе РТЦГ.