Црна Гора: 97 милиони евра од економско државјанство


 

Од економските државјанства во Црна Гора, вкупните ефекти до сега се проценуваат на 97 милиони евра, пишува подгорички Дан.
Преку програмата за економско државјанство досега преку даноци во буџетот на Црна Гора се уплатени 29.000.000 евра, покажуваат податоците на Агенцијата за инвестиции доставени до „Дан“. Исто така, на сметката за помалку развиените општини се уплатени 22.000.000 евра, а тие пари досега не се потрошени, а сумата е речиси двојно поголема на сметката ESCROW, односно на сметката за апликации кои се во процедура. 

Како што посочува директорот на Агенцијата, Младен Гргиќ, ако се земат предвид финансиските показатели, и дека инвестициските проекти досега оствариле нешто повеќе од 46 милиони евра, може да бидат задоволни, иако со подобра административна подготовка и поголема доследност при примена на одлуката можеле да постигнат подобри резултати.

Тој наведува и дека се свесни за негативниот однос на ЕУ, поради што Владата најави дека нема да ја продолжи програмата по 31 декември 2022 година.

Примени се вкупно 753 барања, односно 2.434 со членови на семејството.

„Досега се одобрени 447. Меѓу примените најбројни се државјани на Русија, 1.211 од нив, 257 на Кина, 81 на Либан, 54 на Украина, 151 на САД, 114 на Јужноафриканската Република, 57 од Саудиска Арабија, 56 од Индија, додека меѓу апликантите има и државјани на Австралија, ОАЕ, Јапонија, Казахстан, Мексико, Филипини, Канада, Полска, Турција“, вели Гргиќ.

Барањето за добивање економско државјанство се поднесува преку посредник, а верификацијата ја врши застапник за оцена на меѓународна подобност.

„Апликантот може да стекне црногорско државјанство доколку извршил уплата од 15.000 евра, 10.000 по член на семејството за најмногу четири и 50.000 за секој нареден член. Доколку депонирал сума од 100.000 евра на сметката ESCROW за развој на помалку развиените општини и 100.000 евра за развој на иновациска политика. Исто така, можно е да се депонира износ од најмалку 450.000 евра на сметката ESCROW, за проект во Подгорица или крајбрежниот регион, или најмалку 250.000, за проект во северниот или централниот регион“, заклучува Гргиќ.

Турција стана сериозен конкурент на Црна Гора

Во последните месеци забележливо е дека богатите Руси го замениле црногорското приморје со турското, односно се преориентирале да купуваат недвижен имот во оваа земја. Поради санкциите, многу земји го забранија доаѓањето на руски инвеститори, но Турција даваше отпор.

Во периодот од 7 декември 2020 година до 15 февруари 2022 година, Црна Гора преку програмата за економско државјанство инкасирала повеќе од 73 милиони евра. Од таа сума, повеќе од 50 милиони се инвестирани од руски граѓани. Владата на Здравко Кривокапиќ додели вкупно 317 почесни државјанства, од кои дури 293 се економски.

За да се добие турско државјанство потребна е инвестиција во недвижен имот од 250.000, основни средства од 500.000 долари во турски банки или купување на обврзница.