Црквата на Вранишковски официјално припоена кон МПЦ-ОА
Со света архиерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид денеска беше припоена Православната Охридска архиепископија (ПОА) со Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Светата архиерејска литургија се одржа по повод годишнината од врачувањето на актот на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) од страна на српскиот патријарх Порфириј на архиепископот охридски и македонски, Стефан со кој СПЦ одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви. Со литургијата чиноначалствуваа поглаварите на МПЦ – ОА Стефан и на СПЦ Порфириј придружувани од неколку епископи од двете цркви.
Митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј, во кратка изјава за медиумите кажа дека во однос на прашањето за припојувањето на ПОА со МПЦ ОА треба да има седница на Синодот на 20. овој месец.
„Ќе има синодска седница и тоа официјално ќе го објавиме. Има одлука ама не е верификувана. Со службата се потврдува припојувањето, но треба официјално да се потврди на седница во полн состав на Светиот архиерејски синод, која ќе се случи на 20 овој месец“, рече Тимотеј.
Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА го одликува српскиот партијарх со орден на Свети Кимент Охридски од прв ред, за покажаната љубов кон нашата црква.
Изразувајќи благодарност за добиеното одличје, поглаварот на СПЦ Порфириј, по отслужената литургија кажа дека е исполнет со радост што денеска е во Охрид, во преубавиот храм „Св. Софија“, напоменувајќи дека во овој храм српски патријарх служел и пред 100 години.