ВМРО-ДПМНЕ ветува целосна гасификација на Македонија


Државата мора да биде економски и енергетски силна и независна, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.

-ВМРО-ДПМНЕ има план за обнова на Македонија, кој предвидува и целосна енергетска обнова.Нашата стратегија е за целосна гасификација на Македонија, достапност на природен гас до сите домаќинства, индустријата, малите и средни претпријатија, образовните и социјални институции и здравствените установи.

Дополнително ветуваме и се обврзуваме на поголема искористеност на обновливите извори на енергија – Изградба на ветерен парк во Миравци и систем за складирање на енергија од ветерен парк Богданци, како и бескаматни кредити и грантови за поставување на нови енергетски ефикасни фасади, прозорци, изолација на под и покрив.

Се обврзуваме за набавка на рударска опрема за РЕК Битола и продолжување на животниот век на термоцентралата со нови рудни копови во Живојно и Мариово, како и продолжување на животниот век на ТЕЦ Осломеј и гасификација на ТЕЦ Неготино.

Ќе биде реализирано и ЈПП за изградба на Когенеративна централа Исток, со цел дополнително зајакнување на енергетските капацитети и намалување на потребата од увоз на струја.

Македонија, енергетски стабилна земја е нашата обврска и на тоа се обврзуваме!

Завршува времето на лошите политики во енергетиката и црпењето на пари од РЕК Битола, и другите енергетски капацитети во Македонија, стои во соопштението на партијата.