Вмровска сага: На конгресот се одговори со конгрес


Фото: Б.Грданоски

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше експресно по објавувањето на Иницијативниот одбор дека закажал конгрес на 28 март, донесувајќи одлука редовниот конгрес на партијата да се одржи во ноември. Членот на Извршниот комитет, Стефан Андоновски, по завршувањето на седницата изјави дека ИК уште пред два дена донесол одлука конгресот да се одржи во ноември,а тоа го официјализирал Централниот комитет.

Тој одвои само неколку реченици за најавата на партиските ривали за вонреден конгрес: „На седницата на Централниот комитет беше разговарано и за тековни внатрепартиски активности. ЦК на ВМРО-ДПМНЕ по предлогот на ИК кој заседаваше уште пред два дена донесе одлука за оддржување на редовен конгрес на партијата во ноември. Ова е добра можност за прочистување на редовите на ВМРО-ДПМНЕ, последно прочистување помеѓу актуелното раководство, новата енергија и поранешните функционери кои се предводени од Зоран Заев“, рече Андоновски.

Она што не биле тековни внатрепартиски активности е односот кон пописот. „Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ смета дека одбивањето на иницијативата за собирање на граѓански потписи за носење на закон за поништување на законот за попис, преставува чекор во кој се гледа стравот на власта на Зоран Заев од соочување со народот и неговата волја. Заев, едноставно речено, одбегнува да го чуе гласот на народот“.