ЦИВИЛ: Помагал на сопругата да гласа, па со прст ѝ покажал што да заокружи


ЦИВИЛ констатира повеќе помали неправилности во текот на гласањето на вториот круг на претседателски ибори.

Така во Тетово, на сите ИМ нема ознаки за забрането внесување оружје, забрането сликање и снимање, а во Кисела Вода забележано е дека членовите на ИО немаат беџ, додека пултот за лица со посебни потреби не е достапен или воопшто го нема.

Во Штип, во координација со набљудувач на една партија, автомобил чија регистрација ја забележал набљудувачот на ЦИВИЛ, превезувал гласачи од населбата Балканска. Еден случај на организиран превоз на гласачите е нотиран и во Битола.

Во селото Чардаклија двајца членови на ИО разговарале со партиски набљудувач за гласач кој најавил дека ќе биде надвор од државата. Потоа, му се јавиле на гласачот да го прашаат каде и му побарале да им испрати фотографија како доказ дека е отпатуван вон државата.

Во објектот Изворче на градинката Срничка во Аеродром, гласачка на глас прашала: „Значи, треба да заокружам број 2?“, по што, членот на ИО одговорил дека тоа е нејзино право и дека не треба гласно да кажува за кого ќе гласа.

Во Чашка, наместо повозрасна гласачка, гласала нејзината снаа, која го заокружила ливчето. Реагирал ИО и настанот е влезен во записник.

Во Пробиштип, на гласач му било дозволено да помогне на својата сопруга да гласа, по што, зад параванот тој гласно ѝ кажал кој број да го заокружи, и ѝ покажал со прст каде да заокружи, а никој од ИО не реагирал.

Во Чаир, влегле двајца гласачи, а трет граѓанин сакал да ги фотографира додека гласаат. Членка на ИО им објаснила дека смеат да се фотографираат само надвор од ИМ, по што еден од гласачите јавно – пред сите членови на ИО, заокружил на ливчето и им се заканил со зборовите: „Ај ќе завршат изборите, па ќе се видиме ние потоа!“