ЦИВИЛ поднесе пријава за предвремено започнување на изборната кампања


ЦИВИЛ – Центар за слобода до Државната изборна комисија достави пријава за кршење на Изборниот законик.

„Се работи за случајот со претседателската кандидатка Гордана Силјановска – Давкова и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кои на ден 25.03.2019 година одржаа организиран јавен настан во Штип на кој е претставена учесничката во изборната кампања, што претставува предвремено започнување на изборната кампања, спротивно на Изборниот законик. Според член 69-а од Изборниот законик, за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатените материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежни изборни органи и нивните програми“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.

Од таму велат дека изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и во вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите.

,,И покрај тоа што согласно член 8-а став 2 од Изборниот законик, под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира особено давање на изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција, во конкретниот случај не станува збор само за давање на изјава од страна на претседателската кандидатка, туку за промовирање на истата и не станува збор за митинг, во отсуство на прецизен правен термин за вообичаениот јавен настан, организиран од учесниците во изборната кампања. И покрај тоа што настанот е организиран во просториите на ОК ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните имале сознанија за тоа дека на тоа место ќе биде претставена претседателската кандидатка Гордана Силјановска – Давкова“, се наведува во соопштението.

Од овие причини, ЦИВИЛ побара од ДИК, во согласност со надлежностите, да ги испита наводите, да постапи по пријавата во рок не подолг од 7 дена од денот на поднесувањето и да ја извести организацијата за дејствијата што ќе ги преземе.