ЦИВИЛ го интензивира изборниот мониторинг


ЦИВИЛ донесе одлука од денеска да го засили изборниот мониторинг. Како што соопшти денеска, ќе се реактивираат и дел од долгорочните набљудувачи кои биле деактивирани поради одложувањето на датумот поради кризата со коронавирусот.
Од ЦИВИЛ наведуваат дека сите заедно во структурата на Организацијата, ќе добијат дополнителни насоки за зајакнат мониторинг на изборниот процес во земјата.

-Почитувањето на правото на глас на граѓанките и граѓаните е приоритет за ЦИВИЛ. Во фокусот на мониторингот на ЦИВИЛ е и политичкото финансирање и политичката корупција, како и лажните вести, говорот на омразата и црната пропаганда. ЦИВИЛ спроведува и мониторинг на политичките партии, медиумите, како и на институциите, соопшти ЦИВИЛ.

Оттаму посочуваат дека од големо значење за мониторингот на ЦИВИЛ воопшто, па така и за изборниот мониторинг, се пријавите кои доаѓаат од граѓанките и граѓаните од целата земја. Изобилството од обраќања до организацијата, како што наведуваат, е само уште еден показател за тоа дека Организацијата ужива голема доверба кај луѓето.

ЦИВИЛ посочи дека мониторингот е започнат со различен интензитет, уште од моментот кога се донесе решението за предвремени парламентарни избори на лидерската средба на 20 октомври 2019 година. Соодветно на методологијата за долгорочен мониторинг на политичките настани и процеси во изборен контекст, ЦИВИЛ, како што наведува во денешното соопштение, остана активен на теренот и во текот на кризата со коронавирусот. Мониторингот бил со намален интензитет и со максимално придржување кон владините мерки и препораките за заштита од ширење на коронавирусот.

-Од денеска, мониторингот ќе се спроведува со полн капацитет. Воедно, ќе се контактираат сите кандидати за краткорочни набљудувачи, за уште еднаш да го потврдат своето учество во мониторингот на ЦИВИЛ за денот на гласањето, кога и да биде тоа. Воедно, тие ќе бидат информирани за новите протоколи и за новиот начин на обука кој ќе се спроведува во текот на наредниот период, веднаш по одредување на датумот за избори, соопшти Организацијата.

ЦИВИЛ информира дека обезбеди средства за вклучување на 220 набљудувачи од кои 24 се долгорочни, но, во Организацијата се работи на зголемување на бројот и на долгорочните и на краткорочните набљудувачи.