Циркузант, нотар – редица навредливи обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ за Пендаровски


Фото: Б. Грданоски

Утрешната прослава на Илинден во Крушево може да се претвори во уште еден ден на делби наместо на ден на помирување, како што сакаше претседателот Стево Пендаровски. Шефот на државата годинава се одлучи за поинаков концепт на настаните на Мечкин Камен, без официјален говор, туку своевидна средба на политичките лидери за да се покаже поголемо разбирање и заедништво проследена со видео порака.

Исправно или не, модернизирање или отсуство на такт, но речиси сите опозициски лидери во нивните реакции преферираат говори отколку поинаков концепт. И се отвори рафална стрелба кон Пендаровски полна со навреди.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски изјави дека „делегација на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Стево Пендаровски“, дека традиционално ќе одел во струшкото село Ташмаруништа и дека таму ќе одржел десетминутен говор.

Партијата во своето соопштение кажа дека „Пендаровски е единствениот кој што не покажа доблест да одржи говор на Мечкин Камен бидејќи бега и се плаши од сопствениот народ“. Според ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски решил „да остане во скутот на Зоран Заев и да биде обичен нотар на неговите штетни политики, нем свидетел на корупцијата на власта и одобрувач на газењето на македонските национални и државни интереси“.

Пендаровски веднаш изјави дека е „крајно непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Мицкоски, според која, утрешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде ‘циркуски церемонијал’. Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани“. 

Шефот на државата е изненаден и што Мицкоски ќе го славел Илинден во  Ташмаруништа, наместо во Крушево. Малку зајадливо таа изненада во соопштението се поткрепува со зборовите: „Најверојатно затоа што борбите кои се водени во тој крај се далеку позначајни од борбите за ослободување на Крушево со кои се удрени темелите на македонската држава“. Пендаровски уште жали што неговиот искрен обид за надминување на длабоките политички разлики барем на Илинден „не беше разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сѐ уште пред државата“.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нејзина делегација на чело со потпретседателот Александар Николоски ќе биде присутна во Крушево, но не е јасно дали само ќе положи цвеќе на различни места во градот или ќе биде дел и од официјалната прослава која започнува во 18 часот.

Се очекува на прославата да бидат премиерот Зоран Заев, кој ќе зборува во Пелинце, Талат Џафери, кој треба да се обрати во Скопје. Ќе видиме кој друг ќе биде на Мечкин Камен.