Циркус во „Идризово“: Осудените од Диво Насеље бараат пари преку „Фејсбук“


Осудените за настаните од кумановското Диво насеље го дигнаа на нозе затворот „Идризово“. Дел од нив, користејќи мобилни телефони, формирале група на социјалната мрежа „Фејсбук“ и се вклучија во живо со песна, кафе и цигари, барајќи донации за нивните и семејствата на загинатите борци од сите Албанци. Најавија дека редовно ќе го прават тоа, но видеото беше избришано откако почна да се шири по социјалните мрежи.

„Отворивме банкарска сметка која ќе служи за да им помогнеме на семејствата на паднатите борци кои загинаа во мај 2015 година во Диво Насеље во Куманово. Таа служи за потребите на нашите борци кои веќе пет години се наоѓаат во словенските затвори“, вели во снимката еден од затворениците.

Од затворот го потврдија настанот, признавајќи дека се соочуваат со сериозен проблем со нелегално прибавени телефони во затворот. Пред неколку дена и првиот човек на затворот, Есад Рахиќ кажа дека поседувањето телефон во ќелиите е хроничен проблем во кој се инволвирани и вработени во установата.

Припадниците на кумановската група се осудени за тероризам за настаните во Диво Насеље на 9 и на 10 мај 2015 година. Во вооружената престрелка загинаа осум припадници на специјалните единици, а беа повредени 37 полицајци. Осудени се вкупно 33 терористи, седум од нив на доживотен затвор.

Косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај побара екстрадиција на осудените, односно дел од затворската казна, наместо во Македонија, да ја одлежат во Косово. Харадинај рече дека Косово не треба и не смее да биде рамнодушно за судбината на своите граѓани и на нивните семејства. Тој гарантира дека нема да го изигра евентуалниот договор со македонските власти.