Циркус во битолскиот Совет, советник глумеше комичар


Фемили фото на битолските советници

Независниот советник Иван Чулаковски како стенд ап комичар ги забавуваше советниците, а потоа се премина на стандрдните препукувања на чистиот воздух

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – „Од октомври камионот за ѓубрето нема да течи, ви се колнам, ќе го затнам“, со ваква реторика што наликуваше на стендап комедија независниот советник Иван Чулакоски се обиде да тера предизборна кампања во битолскиот Совет, додека вчера на дневен ред беше најгорливата тема за битолчани – чистиот воздух.

Во улога на стоечки комичар, Чулакоски на говорницата пречкртуваше од напишаното на лист хартија, од тоа што треба да се направи за почиста животна средина во Битола, па откако ги насмеа советниците „шоуто“ го продолжи со тоа дека многу му пречи што од камионите – ѓубретарки на ЈП „Комуналец“ Битола  при собирање на сметот се излева течност со неподнослива смрдеа.

„Сега ќе излезиме по главните улици смрди – корни, здрава животна средина, а фекалии течат по улици, извираат“, рече советникот.

Претставата продолжи и со предлогот за јавно претпријатие кое ќе сади дрвја.

„Од октомври без оглед кој ќе биде градоначалник ќе има задолжено екипа во Битола што ќе сади дрвја, секој ден по 100, по 200, по 500 дрвја. Ново јавно претпријатие за садење дрвја. Така ќе го крстиме – Дрварите. Ветувавте и еколошки превоз единствено се еколошки автобусите на метан на РЕК ‘Битола’ што вртат низ градот, секоја чест. Но, кртешниците што ни ги даде Шилегов поклон нема да возат веќе низ градот“, рече Чулакоски.  

Претседателот на Советот, Валентин Груевски, го прекина советникот укажувајќи му дека рано е да почне со кампања за локалните избори, на што тој возврати дека баш било доцна за кампања и почна со „градоначалниче“ да се обраќа до советникот на СДСМ Зоран Стојчевски, кој поднел кандидатура за градоначалник до партијата за локалните избори.

„Ве молам да ги почитувате колегите и да се обраќате како што треба, ова не е циркус. Овде зборувате за изборни ветувања за кампања, ве предупредувам да зборувате на темата“, довикуваше претседателот на Совет Груевски. 

Откако добро се расположија советниците (кои месечно земаат паушал од 17 илјади денари), расправата продолжи со обвинувања дали за време на ВМРО-ДПМНЕ или сега со СДСМ на власт битолчани дишат почист воздух.

Па, така, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека чистиот воздух е најголемата лага на власта, зашто не се изгради ни гасоводот, ни топловодот, а потценувачка е и сумата што се издвојува за борба против загадувањето.

„По едно ќе бидете запаметени како власт дека чистиот воздух беше вашата најголема лага и буквално око не ви трепнува кога и да добиете критика на оваа тема. Токму на темата чист воздух ништо не направите, а дебело политички поентиравте. Ништо не направите за современ јавен превоз, велосипедски патеки, решавање на сообраќајниот хаос во градот. Сега предлагате измени на програмата за животна средина која завршува на мизерни 5 милиони денари. Ми се смеевте кога ве прашав како со оваа смешна сума планирате да го исчистите воздухот во Битола“, рече советникот, Иванчо Тошевски.

На советниците од власта пак, многу им бил симпатичен муабетот за чистиот воздух во Битола и темата загадување, па потсетија дека потрошиле над 10 милиони денари на субвенции за печки на пелети за нецели четири години и ја спомнаа сумата од 2,5 милиони евра за инвертер клими, средства од централната за локалната власт.

„Благо речено дури и ми е симпатично кога разговараме на оваа тема оти почнавме од една бивша власт од едно време кога се имаше теолошки пристап кон проблемот наречен загадување. Средствата за оваа намена од 3 милиони во првите две години ги зголемивме на 5 милиони денари во последните две години. Не би го нарекла буџетот за оваа намена мизерен, но е далеку од потребниот“, рече Татјана Крнчева, советник од СДСМ, велејќи дека накрај се се сведува на прашањето – Каков воздух дишат битолчани?. Потоа почна да кажува бројки споредбено од 2015 до 2020 година, колку ПМ10  честички голтале битолчани за време на бившата власта, а колку во време на актуелната власт, констатирајќи дека воздухот бил почист за време на сегашната власт и дека преземените мерки се конкретни и сигурни решенија.

„Нека ме убеди кој било дека дедо Боже е задолжен за воздухот во Битола“, рече во иронија Крнчева.

Советничката ги негираше обвинувањата од опозицијата дека инвертер климите се делеле по партиска линија, па пресмета.

„Кај 2.683 семејства се поделија клими, па ние толку функционери немаме во цела држава, а не во градот за да ги делиме“, возврати Крнчева.

Накрај, за изненадување, по расправија за чистиот воздух, сите присутни советници и од власта и од опозицијата едногласно ја донесоа програмата за измена и дополнување на Програмата за животна средина 2021 година. Меѓудругото со оваа програма покрај 129 граѓани кои добија субвенции за велосипеди се проширува можноста да бидат субвенционирани и нови апликанти. Идната недела  ќе има нов повик за велосипеди врз основа на оваа измена. На овој начин локалната самоуправа го стимулира користењето на алтернативен начин на транспорт кој ќе придонесе да се намали загадувањето.