Ципрас: Со Борисов имаме визија Балканот да го претвориме во регион на просперитет и соработка
Нашата визија, моја и на Бојко, е постепено претворање на Балканот од регион на нестабилност, конфликти, војни, поделеност, преовладување на национализмот, во регион на просперитет и соработка во корист на нашите народи, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговото обраќање во селото Кирково, Бугарија за време на почетокот на изградбата на интерконекторот за природен гас меѓу двете земји (ИГБ), на кое присуствуваше заедно со неговиот бугарски колега, Бојко Борисов, јави дописничката на МИА од Атина.
-Грција и Бугарија, две земји со долга историја на ривалство во минатото, успеавме да свртиме страница. Изградивме длабок и повеќестран партнерски однос и убеден сум дека можеме да одиграме водечка улога во спроведувањето на оваа заедничка визија за Балканот и регионот. Бидејќи ова е единствениот пат за иднината на нашите народи, рече грчкиот премиер.
Ципрас истакна дека Грција преку активната и мултидимензионална надворешна политика „што неодамна доведе и до историски договор со северниот сосед, што отвора патишта за да се заврши поврзувањето на регионот, мирот и просперитетот за сите народи“ има за цел да ја зајакне улогата како столб на стабилност, мир и соработка во регионот.
Во однос на енергетската политика, Ципрас рече дека со ИГБ, Грција и Бугарија стануваат основни столбови на енергетската стратегија на ЕУ.
-Енергетската безбедност и зголемувањето на енергетските извори останува многу важен приоритет за целиот наш регион, регионот на Источниот Медитеран, но, би рекол, приоритет за цела Европа, додаде Ципрас.
Грчкиот премиер рече дека голем дел од гасот во ИГБ, ќе доаѓа од гасоводот TAП, што се очекува следната година да биде пуштен во употреба, а подоцна, би можело да се прошири и кон Србија преку гасоводот ИБС и кон Романија, преку ИБР.
Интерконекторот ИГБ ќе биде со должина од 182 километри и ќе ги поврзе грчкиот национален систем за пренос на гас во областа на Комотини со бугарскиот национален систем за гас во Стара Загора, а изградбата е врз основа на потпишаниот меморандум за разбирање меѓу Грција и Бугарија од 2009.